„Мамо, уште не знам дали ќе дојдат“: Пред 3 години остана сам на роденденот, денес сите се поканети да слават со Леон
Денеска во 18 часот, на Школка во Градскиот парк во Скопје, ќе се одржи голем инклузивен настан по повод 13-тиот роденден на Леон.
Зад оваа иницијатива стои една емотивна случка од пред три години, кога момчето со аутизам го поминало својот 10 роденден само, чекајќи ги другарчињата кои ги поканило, а не дошле. Токму тоа искуство било поттик годинава роденденот да се претвори во отворен ден на кој се поканети сите оние кои сакаат да дојдат.
„Подготовките се при крај и можам да кажам дека чувството е навистина посебно. Овој роденден започна како една голема желба Леон да не слави сам, туку да има ден во кој ќе се чувствува прифатен, сакан и дел од заедницата. Денес, чекор по чекор, гледаме како таа желба станува реалност“ - вели за Фемина неговата мајка Амела Мемиш Апостоловска.
Таа додава дека денеска на Школка ги очекуваат сите дечиња, родители, семејства и луѓе со добро срце:
„Подготвивме многу убавини, изненадувања, музика, подароци и содржини за децата, но најважно од сè подготвивме простор каде што секое дете ќе биде добредојдено. Од еден мал роденден, кој започна само со желбата на една мајка да не го гледа своето дете повторно само, ова прерасна во голем инклузивен настан.“
Храбрата мајка упатува благодарност до сите компании, институции, организации, волонтери и поединци кои се приклучиле со своето време и поддршка, како и до Град Скопје и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Но, најважниот дел од нејзината порака е она кое го чувствува нејзиниот син.
„А Леон? Леон е пресреќен, но и во неверување. По толку години, кога неговиот роденден често минувал во тишина и со неизвесност, денес тој гледа како се подготвува нешто големо за него. И сепак, неговите зборови се оние кои најмногу ме погодуваат: 'Мамо, уште не знам дали ќе дојдат.'“
Токму оваа реченица, вели Амела, ја покажува суштината на целата нивна приказна.
„Ниту едно дете не треба да расте со стравот дали некој ќе дојде на неговиот роденден. Ниту едно дете не треба да ја доживее радоста како исчекување, а потоа да се соочи со празни столчиња. Затоа овој роденден не е само за Леон. Тој е за секое дете кое некогаш чекало некого да му се приближи. За секој родител кој се прашувал дали неговото дете ќе биде прифатено. И за сите нас да покажеме дека можеме поинаку.
Денеска, во 18 часот, на Школка, да му покажеме на Леон дека овој пат нема да чека сам. Да создадеме ден кој ќе се памети. Ден кој можеби ќе стане традиција. Ден во кој секое дете ќе знае: 'Тука припаѓам'“ - порачува таа.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk