„Мамо, не сакам да си одам“: Исповед на Македонка која ја испрати ќерката во странство – овие зборови ќе скршат многу мајчински срца
Мајка од Македонија со емотивен текст ќе им ги насолзи очите на сите оние кои имаат дете кое живее далеку од дома.
Снежана Урумова е наставничка и авторка од Струмица која се инспирира од животот, а во своите текстови ги преточува сопствените и туѓите чувства за кои понекогаш немаме храброст да зборуваме гласно.
По повод заминувањето на нејзината ќерка во Цирих, Снежана сподели особено емотивна исповед за разделбата и за реченицата „Мамо, не сакам да си одам“, која останала да ѝ одѕвонува и откако авионот полетал.
„МАМО, НЕ САКАМ ДА СИ ОДАМ.“
Ми го рече тивко, пред да замине.
Толку тивко, што речиси можев да се преправам дека не сум ја слушнала.А ја слушнав.
И ми се скрши нешто внатре.Ја гледав и ја голтав солзата што упорно ми стоеше на работ од окото. Онаа мајчинска солза што не смееш да ја пуштиш, за да не му го направиш заминувањето уште потешко на сопственото дете.
Се насмевнав.
Онака како што само мајките знаат да се насмевнат кога им се плаче.
А и таа ги имаше истите очи.
Само што во еден миг се сврте на другата страна.Можеби да не ја видам.
Можеби таа да не ме види мене.Чудни сме ние мајките и децата кога се разделуваме.
Секој ја крие својата солза за да го спаси другиот од неа, а двајцата совршено знаеме дека плачеме од истото место.Што да му кажеш на своето дете кога заминува таму каде што животот, барем на хартија, изгледа подобар?
Таму има ред.
Има можности.
Има сигурност.
Има подобар стандард.Ама не секое подобро е и посреќно.
Зашто таму нема мајка на две минути од тебе.
Нема кафе што ќе се развлече до бескрај затоа што никој никаде не брза.
Нема „дојди, ручекот е готов“ од другата соба.
Нема врата на која можеш да тропнеш без да се најавиш.Има сè.
А понекогаш ти недостига токму она што не може да се купи.Припадноста.
Своите луѓе.
Познатите улици.
Јазикот на кој можеш да кажеш „не ми е добро“ без претходно да ја составуваш реченицата во главата.
Местото каде што не мораш да објаснуваш кој си.И тогаш човек се прашува:
А каде е домот?
Дали таму каде што животот е поуреден, посигурен и полесен?
Или таму каде што, кога ќе ја отвориш вратата, некој веќе знае по твоите очи како ти поминал денот?Денес ја испратив назад за Цирих.
Ја гледав како заминува и си повторував дека треба да бидам среќна.
Детето ми се враќа во својот живот.
Во уреден свет.
Во својата иднина.И сум среќна.
Навистина сум.Само што мајчинското срце е малку неписмено за географија.
Не разбира километри.
Не разбира граници.
Не разбира авионски билети, подобар стандард и подобри можности.Тоа има некоја своја, чудна математика.
За него илјада километри се премногу,
а една прегратка, секогаш премалку.И додека ја гледав како ми се оддалечува, ми дојде да потрчам по неа.
Не за да ја задржам.
Мајките мора да научат да ги пуштаат своите деца.
Туку само уште еднаш да ја прегрнам.
Уште еднаш да ѝ ја почувствувам косата на образот.
Уште еднаш да ѝ кажам:
„Оди, мамина. Јас сум добро.“Онаа мала лага што мајките ја кажуваат од љубов.
Зашто не секое заминување е одење кон подобро.
Понекогаш подобриот живот е далеку од дома.А домот не се мери со стандард.
Домот е она место каде што срцето не мора да се убедува дека му е убаво.Сега домот повторно е тивок.
Нејзините работи ги нема.
Нејзиниот глас го нема.
Само тишината, како непоканет гостин, си седна до мене.И една реченица што никако не сака да замине со авионот.
Остана кај мене.
И цела вечер ми одѕвонува:„Мамо, не сакам да си одам.“