Д-р Дејан Докиќ: Бактеријата пневмокок во Финска покажува само 5% отпорност на антибиотици, а кај нас дури 60%
Професор доктор Дејан Докиќ беше гостин во емисијата „Телма амбуланта“.
Специјалистот по интерна медицина и супспецијалист по пулмологија и алергологија, зборуваше за прекумерната употреба на антибиотици во земјава, која резултира со отпорност на бактериите и намалување на дејството на лековите кога навистина се потребни.
Неговата споредба на резистентноста на Streptococcus pneumoniae на антибиотици во Финска и во Македонија навистина треба да нѐ замисли.
„Во Финска, да ви кажам, 5% на Streptococcus pneumoniae е резистентен на бета лактами, на пеницилини, а кај нас 60-70%. Затоа што таму и да имате температура не ви даваат антибиотик. ‘Нема потреба’ ќе каже, ќе си отидете дома со чаеви, па ќе ви кажат во кои услови да се јавите, кои параметри да ги следите, па дури подоцна да се јавите на доктор. Па и тогаш, ако температурата не спаднала, малку се намалила и тогаш одма нема да ви дадат антибиотик... затоа е резистентноста 5%, а кај нас 60%.
И тоа веќе се рефлектира, видовте колку има смртни случаи директно препишани на антимикорбната резистенција и тоа ќе расте. Во САД исто правеле испитување доколку матичниот лекар или GP, нели таму ги викаат така, му даде антибиотик на пациентот, после неговите очекувања се големи, тогаш самиот инсистира да му се даде антибиотик иако можеби нема потреба. Значи после оди и вика ‘Да, минатиот пат ми дадовте, ми беше побрзо подобро, сакам пак да ми дадете'. Значи инсистира докторот да му даде, мешајќи се во стручниот дел, бидејќи неговите очекувања се сега такви... Тоа се случува кај нас, многу повеќе од таму. Верувајте, затоа што таму е строго контролирано препишувањето на антибиотици“ – изјави докторот.
Streptococcus pneumoniae е бактерија од групата стрептококи и може да живее во носот и грлото без да предизвикува симптоми. Во некои случаи може да предизвика инфекција, особено кај малите деца: воспаление на средното уво, синузитис, пневмонија. Поретко може да дојде до менингитис или инфекција на крвта.