„Мали борци од неполни 2 кг, кои пораснаа во големи деца“: Маја Кикириткова за нејзините предвреме родени дечиња
Секоја година, Светскиот ден на предвремено родените деца на Маја Кикириткова ѝ буди силни спомени, бидејќи ја потсетува на неизвесноста, стравот и љубовта со кои започнало нејзиното мајчинство.
Македонската модна дизајнерка вчера сподели емотивен пост за двете дечиња, 8-годишниот Лазар и 6-годишната Ева, кои се родени предвреме, во 33-та гестациска недела, со тежина од неполни 2 килограми.
„Годинава 17ти се премести на 15ти ноември, а секогаш на овој ден потекува по една солза, што од мака, што од радост. Тука сте во мојот живот, а јас сум горда што баш мене ме избравте да бидам ваша мајка. Мали борци од неполни 2кг, кои пораснаа во големи деца. Останете такви какви што сте, борбени, истрајни и секогаш насмеани.
Ве сака мама бескрајно 🤍
Светски ден на предвремено родени деца 🙏🏻“ – напиша Маја во описот на албумот со фотографии.
Во разговор за Фемина минатата година, Маја раскажа низ што поминувале таа и сопругот Александар по раѓањето на нивните деца. Особено тешко било искуството со првородениот Лазар, кој четири недели ги поминал во инкубатор.
„Вие дома, бебето во болница. Вртите телефонски за да прашате како е, минутите ви се вечност, се молзите за да одржите лактација, а бебе нема, рацете се празни“ – сподели тогаш таа.
За среќа, денес Лазар и Ева растат здрави, насмеани и темпераментни, а тешкиот почеток е дел од нивната семејна приказна која Маја никогаш нема да ја заборави.