Македонката Јасмина Јордева истрча 100 километри низ Сахара, зад себе има 70 маратони и ултрамаратони
Ниту жештината на пустината, ниту исцрпувачките километри не ја спречија Јасмина Јордева да оствари нов спортски подвиг. На 23 октомври, неуморната Македонка успешно заврши ултрамаратон од 100 километри низ пустината Сахара, додавајќи ново достигнување во својата богата тркачка биографија.
Особено инспиративно е што Јасмина започнала да трча во 2018 година, а веќе зад себе има повеќе од 70 маратони и ултрамаратони, настапи на европско и светско првенство и десет национални рекорди во своите старосни категории.
Јасмина веќе три децении живее и работи во Италија, во близина на Милано. Нејзината љубов кон трчањето се родила сосема случајно, кога се приклучила на локалниот тркачки тим Tim Possible. Набрзо открила дека најмногу ја привлекуваат долгите дистанци, кои бараат не само физичка издржливост, туку и огромна ментална сила.
Нејзината прва трка била полумаратон, но само една година подоцна веќе се впуштила во многу поголем предизвик – ултрамаратон од 100 километри на Алпите.
Во 2020 година настапила на Европското првенство во 24-часовно трчање, каде што го освоила 17. место. Следната година ја започнала со четири новогодишни маратони во Форте деи Марми, а потоа продолжила да ги поместува сопствените граници со учества на бројни ултрамаратони во траење од 6, 12 и 24 часа.
Годинава настапила и на Светското првенство во 24-часовно трчање.
Иако се занимава со ултрамаратонско трчање рекреативно, Јасмина има резултати со кои може да се гордее. Според статистиката на германската организација DUV, која води евиденција за ултрамаратонските резултати, таа држи десет национални рекорди во старосните категории над 40 и над 45 години, во дисциплините 50 и 100 километри, како и во трчање на 12, 24 и 48 часа.
Нејзината спортска приказна е доказ дека за големите предизвици не е неопходно да се започне со тренинзи уште во детството. Понекогаш е доволно да се открие вистинската страст, да се има истрајност и храброст да се направи првиот чекор.
А Јасмина, која некогаш случајно го открила трчањето, денес зад себе има илјадници истрчани километри, а меѓу нив и 100 низ бескрајните пространства на Сахара.