Мајли Сајрус донираше милион долари за да им помогне на жени кои се соочуваат со бездомништво, продолжувајќи ја хуманитарната мисија која ја започна пред повеќе од 12 години.
Благодарение на донацијата на 33-годишната музичарка, 97 жени во Лос Анџелес ќе добијат можност за постојан дом, а меѓу нив има и жени кои преживеале семејно насилство и други форми на злоупотреба.
Пејачката ја објави донацијата преку Фондацијата „Мајли Сајрус“ на хуманитарната гала-вечер Every Woman Housed, одржана на 10 октомври 2026 година. Средствата се наменети за проектот „Rosa’s Place“, кој го реализира организацијата Downtown Women’s Center во населбата Скид Роу во Лос Анџелес.
Новиот станбен комплекс ќе им понуди на жените трајно домување, но и пристап до здравствени услуги, индивидуална поддршка, советување и програми за професионална обука, со цел полесно да застанат на свои нозе и повторно да изградат стабилен живот.
Мајли нема само финансиски да го поддржи проектот. Таа и нејзината мајка, Тиш Сајрус-Персел, ќе се вклучат и во уредувањето на ентериерот, сакајќи новите станарки да добијат простор во кој ќе се чувствуваат безбедно и добредојдено.
Нејзината посветеност на оваа тема започна со случка која многумина сè уште ја паметат.
Во 2014 година, кога ја освои наградата за Видео на годината на MTV Video Music Awards за песната „Wrecking Ball“, Мајли направи нешто неочекувано. Наместо сама да излезе на сцената и да ја прими статуетката, таа испрати млад човек по име Џеси Хелт, кој во тој период живеел без постојан дом.
Неговото појавување на сцената привлече огромно внимание, но најважна беше пораката која ја испрати. Џеси зборуваше за илјадниците млади луѓе во САД кои немаат дом, се соочуваат со глад и живеат во неизвесност. Тој ја повика јавноста да ја поддржи организацијата My Friend’s Place, која им помага на младите бездомници во Лос Анџелес.
Мајли повеќе од една деценија ја поддржува организацијата My Friend’s Place, а во последните години се посвети и на помошта за жените кои се соочуваат со бездомништво.
„Отсекогаш сум го доживувала домот како мое безбедно место. Отсекогаш сум имала семејство кое ме сака и ме поддржува“ – изјавила таа, објаснувајќи зошто оваа тема ѝ е толку важна.
Таа додала дека кога ја создала фондацијата била особено трогната од сознанието дека многу млади луѓе немаат ниту дом ниту поддршка каква што таа имала во животот.