Мајки на деца со Даунов синдром со пораки за јутјуберот по абортусот на бебето: „Овие деца не се грешка, тие вредат и се специјални“
Џеси Риџвеј предизвика бурни реакции на социјалните мрежи со објавата во која откри дека со сопругата Ешли се одлучиле за абортус откако дознале дека нивното неродено бебе има Даунов синдром.
Додека дел од следбениците изразија сочувство и поддршка за тешката одлука на парот, голем број родители на деца со Даунов синдром јавно проговорија за да го одбранат достоинството на своите деца и да се спротивстават на негативниот наратив за животот со ова нарушување.

Тие споделуваат дека одлуката на парот не им била толку болна колку изборот на зборовите со кои ја објасниле истата, а преку која се испраќа порака дека животите на децата со Даунов синдром вредат помалку од животите на другите луѓе.
Еве ја објавата на Џеси која предизвика револт, бидејќи тој вели дека Дауновиот синдром е „глич“ и „грешка“, а го користи и вулгарниот израз „shitty“ за да го опише синдромот.
Оваа недела, со сопругата донесовме многу тешка одлука да ја прекинеме бременоста поради Трисомија 21.
Одлуката не беше донесена лесно... Знам дека некои од вас можеби ќе бидат многу разочарани од оваа вест. Ние сме скршени. Ова беше исклучително трауматично искуство за двајцата, а особено за Ешли.
Трисомија 21, позната и како Даунов синдром, е состојба предизвикана од дополнителен хромозом. Настанува поради грешка во клеточната делба, како глич (дефект). Веројатноста едно бебе да се роди со оваа состојба е околу 1 на 1.000.
Кога првпат се соочив со оваа вест, бев шокиран, но и оптимист. Си велев дека ако детето има одредени интелектуални потешкотии, ќе најдеме начин да се справиме. Се подготвив да бидам родител без разлика на предизвиците... но не сфаќав целосно што всушност подразбира Дауновиот синдром.
Откако јавно зборувавме за ова, стана јасно дека повеќето луѓе навистина не знаат што значи Даунов синдром (и не, не е исто што и аутизам).
Околу 50% од бебињата со Даунов синдром имаат срцеви мани. Кај 75% се јавуваат проблеми со слухот. Повеќе од половина имаат проблеми со видот. Тука се и ослабен имунитет, развојни потешкотии, тешкотии во учењето, задоцнет физички развој, намален мускулен тонус, структурни промени на лицето, пократок животен век... За жал, листата е долга...
Дауновиот синдром не е „благослов“, туку објективно е многу лоша (shitty) состојба од здравствен аспект....
Никогаш не мислите дека ќе се најдете во ваква ситуација, сè додека навистина не ви се случи. Тогаш многу работи се менуваат.
Донесовме тешка одлука во која веруваме и сметаме дека на долг рок ќе биде најдобра за нашето семејство. Благодарни сме што имавме можност сами да избереме.
Ќе ни биде потребно време за да продолжиме понатаму, но се радуваме на можноста повторно да се обидеме во иднина и се надеваме на посреќен исход.
Ве сакаме и ви благодариме за разбирањето. ❤️
This week, my wife and I made the very difficult decision to terminate the pregnancy due to Trisomy 21.
The choice was not made lightly. We really appreciate all of the personal stories that you guys shared with us, especially the unconditional support we received from fans…— Jesse Ridgway (@McJuggerNuggets) June 3, 2026
По оваа објава, социјалните мрежи се преплавија од објави на родители кои имаат дете со Даунов синдром и кои покажуваат колку љубов, радост и среќа шират тие деца во светот.
„Боли кога некој ќе помисли дека моето дете е најлошото можно сценарио“ – напиша една мајка, додавајќи дека нејзиниот син има исполнет живот.
Друг родител порача дека неговиот син „не е грешка, не е дефект и не е товар“.
„Неговата вредност не произлегува од неговите способности, интелигенција или независност. Тој е сакан и создаден со цел, исто како и секое друго дете“ – напиша таткото во емотивна објава.
Многу родители истакнаа дека денес постојат значително повеќе терапии, образовна поддршка и можности за развој отколку во минатото.
„Луѓето со Даунов синдром се среќни. Семејствата кои имаат дете со Даунов синдром не би го замениле своето дете за ништо на светот. Светот има застарена претстава за оваа состојба“ – стои во постот на една мајка.
Друга мајка порача дека нејзиниот син е „неверојатен и сакан“.
„Тој не е глич. Не е грешка. Не е лош исход. Не е товар. Тој едноставно има еден хромозом повеќе и токму поради тоа животот ни е побогат“ – напиша таа.
Мајка на девојче по име Вилоу призна дека долго размислувала дали воопшто да се огласи, но чувствувала обврска да проговори.
„Мојата ќерка не е лош исход. Нејзиниот живот не е трагедија. Таа е духовита, нежна, тврдоглава, одлучна и бескрајно сакана. Кога вакви пораки се споделуваат пред милиони луѓе, тие не влијаат само на едно семејство, туку на сите лица со Даунов синдром и нивните најблиски“ – пишува мајката.
Сличен став сподели и друга мајка, која призна дека е уморна од постојаната потреба да ја докажува вредноста на своето дете.
„Уморна сум од приказните дека Дауновиот синдром е трагедија што треба да се елиминира. Мојата ќерка има попреченост, но тоа не значи дека нема потенцијал. Горда сум на неа и на сè што постигнува“ – стои во објава на Џенифер Меконик.