Мајката секогаш најмногу се радува на успесите на своите деца.
Маја Вукичевиќ имаше посебна причина за насмевка. Таа сподели емотивна честитка за својот син Горазд по повод неговото магистрирање, откривајќи колку е горда на неговиот успех и на патот кој го изодел до ова значајно достигнување.
Со искрени зборови полни со љубов, 52-годишната поранешна пејачка му порача дека ова е само почеток на неговото професионално патување и му посака иднината да му донесе уште многу успеси, среќа и можности.
Честитки, мој драг сине, за стекнувањето на титулата магистер по професионално сметководство!
Денес, моето срце е исполнето со гордост и среќа додека го прославувам твојот неверојатен успех. Да те гледам како растеш, се трудиш, работиш напорно и ги следиш своите соништа е една од најголемите радости во мојот живот.
Ти посакувам иднина исполнета со успех, среќа, љубов и безброј можности. Секогаш верувај во себе, следи го своето срце и никогаш не престанувај да се стремиш кон своите соништа.
Ова е само почетокот на твоето прекрасно патување и знам дека најубавото допрва доаѓа.
Многу сум горда на тебе, сине мој! Те сакам до Месечината и назад! ❤️
„Секогаш горди на нашата татковина, Македонија“ – напиша Маја на фотографијата на која нејзиниот син го држи македонското знаме.
Горазд објави фотографија од капата за дипломирањето на која пишуваше:
„Дојдов, видов, дипломирав.
Ти благодарам, мамо.“
Во 2018 година, Горазд дипломира на Економскиот факултет во Скопје.
Вукичевиќ веќе неколку години живее во Австралија заедно со нејзиниот сегашен сопруг. Горазд таа го има од првиот брак.