Попладнево, на Instagram профилот на српскиот јутјубер Бака Прасе се појави објава во која неговиот тим тврдеше дека маскирани лица влегле во неговиот стан и го одвеле. Неколку часа подоцна, Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека приказната за приведувањето е измислена.
Tимот на Богдан Илиќ тврдеше дека тој бил одведен околу шест часот и дека не знаат каде се наоѓа, ниту во каква состојба е. Наведоа и дека имаат снимка од безбедносните камери, но дека ќе почекаат да добијат повеќе информации пред да ја објават.
Кога полицијата стапила во контакт со Илиќ, тој објаснил дека објавата била дел од снимањето видео за неговиот канал на YouTube. Обвинителството најави дека против него ќе биде поднесена кривична пријава за „предизвикување паника и нереди“.
Во продолжение е целосното соопштение на Вишото јавно обвинителство во Белград, кое го пренесе српски „Блиц“:
По извршените проверки на наводите објавени на профилот „bakaprase“ на социјалната мрежа Инстаграм за „одведувањето на Б. И. од страна на маскирани лица“, како и за неговото апсење поради поврзаност со „Алта банка“, Вишото јавно обвинителство во Белград и полициските службеници од Полициската станица Савски Венац утврдија дека станува збор за лажни наводи.
Во разговорот со полицијата, Б. И. појасни дека наводите биле објавени затоа што снима видео кое ќе го објави на својот канал на YouTube.
Меѓутоа, имајќи предвид дека со објавувањето лажни информации на својот профил на Инстаграм Б. И. ширел паника во јавноста, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград, за кривичното дело „Предизвикување паника и нереди“.