Богдан Илиќ наводно бил „приведен“ утрово околу 6 часот.
Српскиот јутјубер, познат како Бака Прасе, бил одведен од неговиот дом од маскирани лица, тврди неговиот тим во објава на социјалните мрежи.
Според соопштението објавено на неговиот профил, засега немаат информации каде се наоѓа Богдан, ниту во каква состојба е. Во објавата се наведува дека постои снимка од безбедносните камери на која се гледа што се случувало, но засега тимот одлучил да не ги објавува снимките, бидејќи чека дополнителни информации.
Еве ја објавата:
ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ:
Богдан – Бака е приведен денеска околу 6 часот наутро.
Во моментов не знаеме каде се наоѓа, ниту како е.
Имаме снимка од безбедносните камери на која се гледаат маскирани лица кои упаднале во станот и го одвеле. Засега нема да ја објавуваме снимката бидејќи чекаме информации.
Сè уште немаме добиено одговор на прашањето упатено од адвокатот.
– Тимот на Бака Прасе
Засега нема официјална потврда од надлежните институции за наводното приведување, па околностите околу целиот случај остануваат неразјаснети.
Пред неколку дена, Бака Прасе јавно се извини по бурните реакции за неговата изјава дека се обложил со 200.000 евра на победа на Српската напредна партија (СНС) на изборите. Тогаш најави дека во рок од еден месец ќе донира ист износ во хуманитарни цели, признавајќи дека погрешил и дека се срами од својата постапка.