Репрезентацијата на Босна и Херцеговина е меѓу најемотивните приказни на Светското фудбалско првенство 2026. Во групата „Б“, Босанците досега ремизираа 1-1 со Канада и загубија од Швајцарија со 4-1, а последниот натпревар од групната фаза ќе го одиграат против Катар, кога ќе се обидат да ги задржат шансите за пласман во нокаут-фазата.
Но, независно од резултатите на теренот, малата држава со околу 3 милиони жители веќе победи на трибините.
Илјадници навивачи пристигнаа од БиХ, но и од бројната дијаспора во Германија, Австрија, Шведска, Швајцарија и други европски земји. На секој натпревар, трибините се обоени во сино-жолта боја, а атмосферата којашто ја создаваат босанските навивачи освојува милиони срца.
Специјален момент е песната „Лилјани“, која стана нивна неформална химна на Светското првенство. Илјадници грла ја пеат во еден глас, создавајќи сцени кои ги воодушевија и неутралните љубители на фудбалот ширум светот. За многумина, песната на пејачот Халид Беслиќ е симбол на идентитетот, историјата и гордоста на босанскиот народ.
Во духот на мундијалот, легендарниот босански бенд Dubioza Kolektiv ја преработи својата култна песна „U.S.A.“ во верзијата „I am from Bosnia, Take Me to America“.
Оригиналната песна од 2011 година, која со години е еден од најголемите хитови на групата, беше сатира за иселувањето и сонот за подобар живот во Америка, но новата верзија ја претвори таа идеја во фудбалска приказна за патувањето на босанската репрезентација, предводена од капитенот Един Џеко, на мундијалот во САД, Канада и Мексико.
Без разлика на резултатите, за многу Босанци самиот настап на Светско првенство е голема победа.