„Летај мирно, Гоце, ми беше чест“: Маја Андоновска со стари фотографии и порака се збогуваше со Гоце Тодоровски
Македонија денес се простува од еден од своите најголеми актери.
Гоце Тодоровски, легендата на македонското глумиште, почина на 75-годишна возраст, оставајќи зад себе богато уметничко наследство и генерации гледачи кои ќе го паметат по неговите незаборавни улоги.
Откако неговата ќерка Сашенка Тодоровска ја соопшти тажната вест, од него со емотивни зборови се простија бројни колеги, пријатели и почитувачи. Меѓу нив е и актерката Маја Андоновска-Илијевски, која сподели фотографии од снимањата на „Македонски народни приказни“ и се потсети на заедничките моменти со својот колега.
Денес македонското глумиште загуби голем човек и голем актер.
Имав чест да застанам пред камера со Гоце Тодоровски, снимајќи ги Македонските народни приказни за кои секогаш велам дека ми се дел од најубавите спомени.
Гоце Тодоровски беше актерска легенда и прекрасен човек, со кого имам безброј убави спомени од снимањата. Денови исполнети со разговори, хумор, искрено смеење и моменти што засекогаш остануваат во срцето.
Зад себе остави безброј ликови кои ќе продолжат да живеат во нашата колективна меморија и да нè потсетуваат колку е голема моќта на вистинската уметност.
Некои луѓе не заминуваат целосно. Остануваат во своите улоги, во спомените на колегите и во љубовта на публиката.Летај мирно, Гоце, ми беше чест 🤍🕊 – напиша Андоновска.