Почина легендарниот Гоце Тодоровски, неговата ќерка емотивна: „Срцето не издржа, престана да работи“
Гоце Тодоровски замина во легендите.
Врвниот македонски актер, кој сите го обожававме во „Македонски народни приказни“ и „Солунски патрдии“, почина на 75-годишна возраст.
Тажната вест ја соопшти неговата ќерка Сашенка.
Го изгубивме, се предаде Гоче Тодоровски почина.
Фамилија Тодоровски ја објавува најтажната вест после голема борба. Го напушти овој свет, а ми вети...
Срцето не издржа, престана да работи. Го реанимираа, направија сè, престана да диши, на кислород ставен, практично апаратурата го држеше. Не издржа бе татко, со невидена желба за живот...
Лесна ти земја татко мој, вечен непребол. Душата не умира, а телото е премногу истрошено. Сега летај со ангелите...
Уште кога си замина кумац Ванчо, замина и дел од тебе – остана без една половина, иако пензионирани, не се помири и готово!
Крај!
Сега барем знам дека сте заедно, тандем на овој, па и на оној свет“ - стои во нејзината објава на Facebook.
Познатиот македонски театарски, филмски и телевизиски глумец и хуморист е роден на 30 април 1951 година во Кичево.
По завршувањето на Факултетот за драмски уметности при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, во класата на професорот Илија Џувалековски, тој се вработи во Драмскиот театар во Скопје и веднаш се истакна како мошне надарен и суптилен комичар. Имаше одлична соработка со голем број на познати наши режисери како Слободан Унковски, Коле Ангеловски, Димитар Станковски, Владимир Милчин и Димитрие Османли. Покрај ангажманите во матичниот театар, често беше присутен на програмите на радиото и телевизијата, учествувајќи во редица хумористично-сатирични емисии, драми и серии.
Тодоровски ги има освоено: наградата за најдобра улога за ликот Цанде во претставата „Солунски патрдии“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“ (1980), титулата најпопуларно ТВ лице од весникот „Вечер“ (1986), наградата „св. Јоаким Осоговски“ (2020), Орденот за заслуги за Македонија (2023), како и Наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ (2025) и државната награда „23 Октомври“ (2025).