„Кучето ми го повлече малото дете од раце“: Мајка и две деца од кичевско нападнати од агресивни кучиња, повикува на одговорност
Светот на една мајка се руши во секундата кога нејзиното дете е во опасност. Токму тоа го доживеа мајка во кичевското село Другово, кога заедно со двете мали деца била нападната од агресивни кучиња.
Лени Анѓелкоска Здравеска го сподели своето хорор искуство на социјалните мрежи и објави фотографии од повредите на малото синче, сè со цел да се спречи истото да го доживее друго семејство. Таа откри дека детето било извлечено од нејзините раце, паднало на бекатон и било влечено од кучињата, а за малку и ќе било прегазено од автомобил.
Сопственикот на кучињата од расата ротвајлер не презел никаква одговорност, ниту пак се загрижил за повреденото дете.
Растревожената мајка бара правда, одговорност и итна реакција од институциите пред да биде предоцна за некое друго дете. Нејзиниот јавен апел ви го пренесуваме во целост:
ЈАВЕН АПЕЛ И БАРАЊЕ ЗА ОДГОВОРНОСТ
На 22.05.2026 година, во с. Другово – Кичево, доживеавме вистински хорор.
Излегов со моите две малолетни деца на кратка прошетка, кога нè нападнаа две агресивни црни кучиња (ротфајлери).
Прво почнаа да лаат. Во паника, помалото дете го кренав во раце, а со другата рака се обидував да го заштитам поголемото девојче и ја криев зад мене. Во тој момент едното куче ми го повлече малото дете од раце и тоа падна на бекатон. Додека се обидував да го спасам, се појави и другото куче, кое агресивно ме нападна, ми го фати за дуксерот и повторно ми го повлече детето.Детето беше влечено по бекатонот и во еден момент до нас дојде кола, изгасна колата и детето заврши буквално до предното тркалото речиси под автомобил. Со последни сили успеав да го извлечам,го зедов во раце и влегов во двор кај соседите за да се спасиме. Но, кучињата продолжија да се враќаат по нас.
Исто така детето се здоби со телесни повреди констатирани во Медицинскиот центар Кичево.Најстрашно од сè е што човекот кој ги чува кучињата ладнокрвно одговори дека „не му е ништо“ и не покажа никаква грижа, одговорност или човечност. Не праша ни како се децата, ни што точно се случило.
Овој случај е пријавен во МВР од страна на брзата помош, дадена е изјава од моја страна.
Ова не го споделувам за да правам драма, туку затоа што денес беше моето дете — утре може да биде нечие друго. Барам одговорност и реакција од надлежните институции. Никој не смее да поминува низ ваков страв и траума.
Ве молам за поддршка, споделување и обединување како народ, за конечно да се стави крај на вакви ситуации пред да биде предоцнa.