• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Кој ќе биде покрај мојата ќерка ако ме нема?“: Самохраната мајка Елизабета од Скопје за трите битки со ракот и хемотерапиите

15 октомври 2026, 10:02
  • cподели

Октомври е месец посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, но и потсетник дека зад секоја дијагноза стои човечка приказна полна со стравови, надежи и желба за живот. 

Елизабета Ристовска е силна жена, која и покрај постојаните здравствени предизвици кои ѝ ги задава судбината, со насмевка му пркоси на животот.

Откако пред 5 години, по самопреглед, забележала мала вдлабнатинка со грутче во дојката, го добила најтешкиот одговор – рак на дојка. Само 13 дена подоцна следувала мастектомија, а потоа и 6 циклуси хемотерапија. 

Но, нејзината борба не завршила тука. Во мај 2022 година, поради тумор на матката и високостепен хормонски зависен канцер, поминала и низ хистеректомија, односно хируршко отстранување на матката и јајниците. Во годините кои следувале, се соочила и со метастази на белите дробови и на 2 пршлена. 

И покрај сè, 44-годишната самохрана мајка од Скопје, продолжува да се бори, да работи, да стои покрај ќерката Доротеа и да крои планови за иднината.

Денес е на редовни контроли на 6 месеци и продолжува со хормонска терапија. Се лекува на Клиниката за онкологија во Скопје, кај својот матичен онколог д-р Илир Исмаили за кого има само зборови на благодарност.

За својата борба, поддршката од семејството и жените со кои ја дели исцрпувачката животна битка, искрено зборува за Фемина, без да ги крие стравот и тешките денови. Нејзината приказна е доказ дека силата не значи секогаш да бидеме храбри и среќни, туку и да си дозволиме да плачеме, да побараме помош и повторно да продолжиме.

„На мојот животен семафор стои 3:0, ако не и 4:0 за мене!“ – вели хероината која и по сите искушенија сè уште има желби и многу љубов којашто сака да ја сподели.

Во месецот посветен на борбата против ракот на дојка, нејзината порака е јасна... не ги одложувајте прегледите и не го игнорирајте сопствениот инстинкт. 

Каква беше вашата секојдневна реалност пред дијагнозата?

Пред дијагнозата, деновите ми поминуваа во трка со обврските. Секогаш имаше нешто што требаше да се заврши, некој кому требаше да му се помогне. За себе често оставав време „подоцна“. На 31 август 2021 година, животот ме запре и ме натера поинаку да го разберам тоа „подоцна“.

Како ја откривте болеста? Се сеќавате ли на моментот кога ја слушнавте дијагнозата и на вашата прва мисла?

Почувствував мала вдлабнатинка во дојката, а во неа грутче, немав болка

При самопреглед почувствував мала вдлабнатинка во дојката, а во неа грутче. Немав болка ниту други симптоми, но почувствував дека нешто не е во ред и веднаш побарав преглед.

Кога ја слушнав дијагнозата, сè околу мене како да запре. Во главата ми остана едно име: Доротеа. Тогаш имаше само 9 години.

Првата мисла ми беше: „Кој ќе биде покрај неа ако мене ме нема?“ Мислев на нејзиното растење, на сите моменти кои допрва ја чекаат и на тоа колку сакам да бидам таму. Во еден миг, иднината стана неизвесна.

Како им ја соопштивте веста на најблиските? Како се справувавте со сопствениот страв?

Ги собрав и им кажав отворено. Знаев дека ќе ги заболи. Им реков тој ден да ги пуштиме солзите, а потоа ми треба нивната поддршка за да продолжам.

Сакав да можам да влезам во соба и да почувствувам блискост, да разговараме, да се насмееме. Ми беше тешко кога во нивните очи ја гледав загриженоста што и самата ја носев.

Со стравот се справував чекор по чекор. Не можев да ја решам целата иднина одеднаш. Можев да отидам на следниот преглед, да се подготвам за операцијата, да ја примам следната терапија. Во тоа ми помагаа моето семејството, љубовта кон ќерка ми и верата во Бога.

Колку беше тешко да се соочите со болеста како мајка? Како ѝ објаснивте на Доротеа?

Најтешка ми беше помислата дека можеби нема да бидам покрај ќерка ми кога ќе ѝ требам

Најтешка ми беше помислата дека можеби нема да бидам покрај неа кога ќе ѝ требам. Како мајка која сама се грижи за своето дете, го чувствував тоа со целата тежина.

Доротеа знаеше дека сум болна и дека ме чека лекување. Дури и на нејзино инсистирање, по неколку месеци, ја виде и лузната.... 

Во моментот кога јас се прашував како ќе издржам, таа веруваше во мене. Сакав да бидам тука за неа. Да ја гледам како расте, да ги слушам нејзините приказни, да ја прегрнам кога ќе ѝ биде тешко. Таа желба ме движеше и во најтешките денови.

Кој беше најтешкиот момент во текот на лекувањето? Имаше ли денови кога стравот беше посилен од надежта?

Веста за метастазите на белите дробови беше огромен удар

Веста за метастазите на белите дробови беше огромен удар. Веќе бев поминала низ две операции и хемотерапии. Знаев колку бара лекувањето, колку го исцрпува телото и колку сила треба за повторно да се соземеш.

Да слушнам дека ме чека нова хемотерапија значеше повторно да се соочам со сè од што се надевав дека сум се оддалечила.

Имаше денови кога стравот беше посилен. Особено во тишината, кога ќе останев сама со мислите. Денес можам да го кажам тоа без срам. Не мора секој тежок ден да заврши со насмевка. Понекогаш ти треба да се исплачеш, да побараш некого и да си дозволиш да одмориш.

Како ги доживеавте губењето на косата и мастектомијата? Колку влијаеја врз вашата самодоверба?

На 13 септември 2021 година ми беше отстранета целата дојка. Само 13 дена по дијагнозата. Сè се случуваше толку брзо, што едвај имав време да разберам низ колкава промена минувам.

А потоа почна да ми паѓа косата. Со години ја негував долгата руса коса, а одеднаш ја гледав во рацете, во огромни прамени. Кога ја избричив главата, плачев. Не можев веднаш да ги отворам очите и да се погледнам во огледалото.

Кога конечно се погледнав, почувствував олеснување. Сè уште не се препознавав. Постепено почнав повторно да ја градам самодовербата и да го прифаќам телото со сите промени низ кои помина.

Не беше лесно. Но, денес можам да зборувам за тоа отворено, без да чувствувам дека треба да се кријам.

Што ви даваше сила да продолжите во најтешките денови?

Доротеа беше мојот најголем мотив

Доротеа беше мојот најголем мотив. Нејзините зборови ми се враќаа во мислите кога ќе ми станеше претешко. Сестра ми беше мојот ангел чувар... моето рамо за плачење, мојот мотиватор.

Тука беа и мајка ми, брат ми, роднините и пријателите. Верата во Бога ми даваше мир во моменти кога немав одговори.

А за време на лекувањето, ги запознав и моите соборки. Жени пред кои можев да кажам како сум, без да го разубавувам одговорот. Со нив имаше разбирање, блискост и многу смеа. Понекогаш еден разговор со нив ми ја враќаше силата за целиот ден.

Дали болеста ви откри кој навистина знае да биде покрај вас кога е најтешко?

Да. Кога лекувањето трае, се гледа кој останува присутен и откако ќе помине првиот шок. Кој ќе те побара, ќе те слушне и ќе има трпение и кога повторно зборуваш за истиот страв.

Најмногу ми значеа луѓето пред кои не морав да глумам дека сум добро. Можев да бидам уморна, тивка или расплакана и сепак да се чувствувам прифатено.

Многу ми значеа и човечноста и вниманието од медицинскиот персонал. Во ден кога си преплашен, еден топол збор може да ти помогне да го направиш следниот чекор.

Како го доживеавте завршувањето на првото лекување?

Почнав да верувам дека можам да здивнам. Да правам планови со помалку страв и да почувствувам дека најтешкото можеби останува зад мене.

Но, следуваа и други операции — отстранување на матката и јајниците, а подоцна и на жолчното ќесе. Потоа дојде веста за метастазите и новото лекување. Но, со секој позитивен исход и добар резултат, растеше во мене желбата за живот и се радував како мало дете на секој мој успех во лекувањето. 

Во меѓувреме сум мајка, работам, се дружам и имам желби. Важно ми е сите тие делови од мене да продолжат да живеат.

Како живеете со неизвесноста и со стравот коишто ги носи болеста?

Стравот е присутен. Со метастази и лекување, 3 операции зад себе, би било неискрено да кажам дека сум го оставила зад себе.

Се трудам да не му го дадам целиот ден. Кога мислите ќе ме однесат предалеку, се враќам на нешто конкретно: разговор со Доротеа, работа што можам да ја завршам, дружба што ќе ме расположи.

Не ми успева секогаш. Но, научив да не се обвинувам за тоа. Имам право на тежок ден. Имам право и следното утро да се смеам и да посакам нешто убаво, без да објаснувам како можат тие две чувства да постојат заедно.

Што најмногу се промени кај вас? Како денес го гледате животот и малите радости?

Во мојот живот влегоа жени со кои нè спои болеста, а нè зближи желбата за живот. Моите соборки ми се огромна поддршка. Со нив можеме да зборуваме за нешто тешко, а 5 минути подоцна да се смееме до солзи.

Таа дружба многу ми помага. Си даваме простор за стравот, но и за шегите, плановите и радоста. Кога една нема сила, другите се тука. И јас сум тука за нив.

Денес, повеќе сакам да бидам присутна во убавите моменти. Да ја почувствувам смеата, да уживам во разговорот, да создадам спомен. Со моите соборки, со семејството, со Доротеа.

Имам 44 години и уште многу желби. Сакам да им давам место во животот што го живеам сега.

Што би им порачале на жените кои од страв ја одложуваат мамографијата или прегледот на дојките?

На жена која се лекува би ѝ рекла: Побарај рака кога ти треба. Исплачи се. 

Закажете го прегледот кој го одложувате. Ако сте забележале промена, побарајте лекарска процена. Кај мене немаше болка — имаше мало грутче кое го почувствував под прстите.

Го разбирам стравот од одговорот. Побарајте некој близок да дојде со вас, кажете дека се плашите, побарајте поддршка. Заслужувате грижа и јасни одговори.

А на секоја жена која сега минува низ лекување би ѝ рекла: не си должна секој ден да ги воодушевуваш другите со својата сила. Побарај рака кога ти треба. Исплачи се. Одмори. Дозволи им на луѓето да бидат тука за тебе.

Мојата порака е: „Ракот влезе во мојот живот и промени многу. Но јас сè уште имам свој глас, свој карактер и желби кои ме будат наутро.“

Имам ќерка која сакам да ја гледам како расте. Имам соборки со кои се смеам од срце. Имам љубов која ја примам и љубов која сакам да ја дадам.

Ќе има тешки денови. Ќе има и денови во кои ќе пеам, ќе се смеам и ќе правам планови. Сите се мои.

Јас сум Елизабета Ристовска. Сè уште ја пишувам своја приказна. И имам уште многу да кажам.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Елизабета Ристовска
рак на дојка

Најнови

  • „Кој ќе биде покрај мојата ќерка ако ме нема?“: Самохраната мајка Елизабета од Скопје за трите битки со ракот и хемотерапиите

    Thu, 10/15/2026 - 10:02
  • По 93 дена на ГАК, храбриот Дамјан роден со само 920 грама си замина дома, истиот пат го помина и братчето пред 12 години

    Thu, 10/15/2026 - 09:19
  • Хилари Свонк

    Танц во темница и светлечко бебе: Хилари Свонк е бремена на 52 години, ја сподели веста со креативно видео

    Thu, 10/15/2026 - 09:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.