„Кој ги уби тие деца?“: Емотивниот говор на Игор Џамбазов за жртвите во пожарот во Кочани на „Златна бубамара“
Емотивниот говор на Игор Џамбазов на „Златна бубамара на популарноста“, посветен на жртвите во пожарот во Кочани, предизвика силни реакции во јавноста.
Од популарното радио, на YouTube го објавија целосното видео од обраќањето на македонскиот актер. Со грутка во грлото, Игор се присети на луѓето кои нè напуштија во текот на изминатата година, личности кои оставија длабока трага во македонската култура и уметност.
„Емоционален врв на 29. Златна бубамара беа минутите посветени на Кочани, нашата македонска крвава бајка, шлаканица на заедничката совест што вечно ќе боли. Игор Џамбазов за болката и бесот, за гневот и протестот...“ – стои во описот.
Џамбазов со болка и солзи во очите се потсети на младите животи кои трагично згаснаа, меѓу кои и членови на групата ДНК.

Со силни емоции тој ги спомена Сара Пројковска, Андреј Коларов, Ѓорѓи Георгиев, Мартин Атанасовски – Буци, Александар Ефремов и Филип Стевановски, луѓе кои, како што рече, зад себе оставиле добрина, талент и незаборавни спомени.
Во својот говор, Игор испрати и силна порака, посочувајќи дека жртвите во трагедијата се последица на неодговорност и системски хаос.
„Кој ги уби децата од Кочани? Фашисти? Не. Ги убија наши неодговорни луѓе, нелуѓе. Кому му пречеа тие деца? Тие деца не пречеа никому. Само се жртви на еден голем хаос кој зацрни цел еден град“ – рече тој.
Слушнете го целиот говор:
