Кирил Поп Христов-Кили го напушти овој свет.
Македонскиот актер, кој целиот свој живот го посвети на уметноста, почина синоќа од инфаркт во Еквадор каде што престојувал подолг период. Веста за неговата смрт ја потврди неговото семејство.
Роден во Скопје во 1967 година, Кили уште рано го насочил својот живот кон актерството. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во класата на професорот Љубиша Георгиевски. Набргу потоа станал дел од Македонски народен театар, каде што со години ја градел својата актерска репутација.
Публиката ќе го памети по впечатливите улоги во култни македонски филмови како „Тетовирање“, „Бал-кан-кан“ и „Панкот не е мртов“, а се појавуваше и во телевизиски серии како „Трст виа Скопје“, „Бумбари“ и „Досие Скопје“. На театарската сцена, пак, остави силен печат со улоги во претстави како „Ослободување на Скопје“, „Ревизор“ и „Народен пратеник“.
По повеќе од две децении на сцената на Македонскиот народен театар, во 2014 година се пресели во Еквадор, каде што живееше со сопругата и ќерката.
Иако животот го однесе далеку од Македонија, Кили остана препознатливо име во домашната култура и често се враќаше во Скопје.