Ќе ви ги насолзи очите: Спотот за макфестовската балада „Дом“ на Давид Темелков за разделбите и радоста на враќањето дома
По силниот настап на „Макфест“, Давид Темелков го објави видеоспотот за „Дом“, во кој копнежот по родниот крај и најблиските добива моќна визуелна сторија.
Во видеото, пејачот ја презема улогата на син кој се враќа во родното место, каде родителите (Марија Кондовска и Владо Јовановски) го пречекуваат со солзи и широка прегратка.
„Каде и да одиш, не заборавај – имаш еден дом“ е пораката на баладата, која зборува за разделбите, родителската љубов и желбата повторно да се биде со своите. За Темелков, кој живее и работи во Хрватска, стиховите за враќањето дома се мошне лични.
34-годишниот изведувач е и автор на текстот, музиката и аранжманот, а ги потпишува и сценариото и режијата на видеоспотот, снимен на повеќе локации низ Македонија и Хрватска.
Приказната ја проширува пораката на песната со прашања за односот меѓу генерациите, за луѓето кои заминуваат и за блиските кои остануваат да ги чекаат. Во описот на видеото стои:
„Зашто да заминеш, не е исто што и да заборавиш. Да градиш сопствен живот не значи да се откажеш од своите корени. Понекогаш чувството на припадност се чува со еден телефонски повик. Со прашањето: ‘Како си?’ и со трпението навистина да го ислушаме одговорот. Со посета што нема бескрајно да ја одложуваме. Со грижа за луѓето и местата што не можат вечно да чекаат да најдеме време за нив. Но таа одговорност не им припаѓа само на младите. На постарите е да ги пренесат приказните, јазикот, обичаите и спомените, но и да умеат да слушаат. Да им покажат на помладите зошто нешто вреди да се зачува, наместо од нив да бараат послушност без разбирање. Да им остават место на масата и тогаш кога размислуваат поинаку. Да им ги предадат корените, а не оковите. Родниот крај останува жив кога во него има што да се наследи, но и простор да се создаде нешто ново.“