Ќе ве насмее: Австралиец со македонско потекло креира забавни видеа за балканските суеверија и стереотипи
Секој кој пораснал во балканско семејство барем еднаш слушнал дека не треба да седи на аголот од масата, да отвора чадор дома или да излегува надвор со мокра коса.
Токму овие добро познати суеверија и стереотипи се инспирација за млад Австралиец со македонско потекло, кој преку хумористични видеа мами насмевки кај следбениците.
Петар Димовски, познат на социјалните мрежи како „thepetardimovski“, на духовит начин го прикажува секојдневието во балканските домаќинства. Во неговите видеа често се препознаваат реакциите на родителите, бабите и дедовците, како и правилата и советите со кои пораснале генерации Балканци.
Погледнете дел од неговите видеа:
Сепак, зад хуморот се крие и лична приказна. Петар долго време се борел да воспостави вистинска врска со македонската култура и наследство.
„Долго време имав проблем да се поврзам со мојата култура. Мислев дека уште како дете знам сѐ за местото од каде што доаѓам, но не успевав вистински да ја засакам таа поврзаност со моите корени, туку само идејата за неа“ – открива тој.
Димовски во минатото се срамел од своето балканско потекло, но токму снимањето комични видеа му помогнало да се поврзе со културата на своите родители.
„Создавањето ваква содржина ме направи поповрзан со мојата култура, со моето наследство и со местото од каде што доаѓам. Денес ми е сосема природно да снимам забавни видеа за потеклото на моите родители, бидејќи знам дека еден ден и јас ќе бидам ист како нив“ – вели тој.
Петар пораснал со баба си и дедо си, па уште од мал бил изложен на традициите и навиките карактеристични за многу балкански семејства. Денес тој течно зборува, чита и пишува на македонски јазик.
Преку своите видеа сфатил дека искуствата кои ги прикажува не се само негови.
„Среќен сум што можам да им помогнам на луѓето да се поврзат со својата култура и заедница. Без разлика дали се потсетуваат на минатото или дури сега почнуваат да го откриваат својот идентитет, важно е да знаат дека не се сами. Преку овие видеа сфатив дека сите сме поминале низ слични ситуации“ – порачува тој.