• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Изгледаше предобро за да биде вистина“: Прилепчанецот Петар Кироваков за предавањето на престижниот „Warwick Business School“

13 март 2026, 13:41
  • cподели
Петар Кироваков

Градењето успешна интернационална кариера бара јасна визија и мултидисциплинарен пристап, карактеристики кои јасно се отсликуваат во работата на Петар Кироваков. Прилепчанец со лондонска адреса, Кироваков денес е препознатливо име во светот на креативните индустрии и луксузните брендови во Обединетото Кралство. Како основач на „London Digital Agency“ со седиште во престижниот Canary Wharf и амбасадор на глобалниот гигант Porsche, тој успешно ги спојува претприемништвото, врвната фотографија и стратешкиот маркетинг.

Неговото портфолио, кое вклучува соработки со култни имиња како Hugo Boss, Harrods и Peroni, неодамна доби уште една елитна потврда. Кироваков беше поканет како гостин-предавач на „Warwick Business School“ (WBS) - една од најпрестижните бизнис школи во светот.

Пред студенти кои доаѓаат од сите меридијани, тој го демистифицираше модерниот маркетинг, зборуваше за интеграцијата на вештачката интелигенција во бизнисот, но пред сè, ја сподели својата лична приказна за истрајноста.

Петар Кироваков
Петар Кироваков
Како дојде до поканата да предаваш на „Warwick Business School“?

Пред сѐ поканата претставуваше навистина исклучителна чест и еден од оние моменти кои човек ги памети долго. Поканата всушност пристигна уште минатата година и морам да признам дека во првиот момент дури помислив дека можеби станува збор за некаква грешка или недоразбирање. Изгледаше речиси предобро за да биде вистина.

Можноста да се говори на водечки светски универзитет отсекогаш била една од моите лични амбиции. Сепак, самата покана од „Warwick Business School“ не значеше веднаш и конечна потврда. Таа беше почеток на сериозен и внимателно структуриран процес. Следуваа неколку интервјуа и разговори со академскиот тим, со цел да се утврди дали моето професионално искуство и претприемачки пат навистина можат да понудат вредност за студентите. Факултетот сакаше да се увери дека мојата приказна од надминување на лични и професионални предизвици, преку работа во глобалниот бренд екосистем, до градење сопствени бизнис иницијативи, може да понуди реални и практични лекции за младите луѓе кои се подготвуваат да влезат во светот на бизнисот. Искрено уживав во тој процес. Тој не беше само професионален, туку и длабоко рефлективен. Ми даде можност повторно да се навратам на сопствениот пат како претприемач, да размислам за одлуките, ризиците и лекциите научени по патот и да ги претворам тие искуства во пораки кои можат да им бидат корисни на студентите.

Петар Кироваков
Кои беа главните теми од маркетингот што ги сподели со студентите и како твоето искуство во Porsche помогна да ги илустрираш? Каква беше реакцијата на студентите и кои прашања најмногу ги интересираа?

Главните теми за кои разговаравме со студентите беа маркетингот, претприемништвото и растечката улога на вештачката интелигенција во современиот бизнис. Во разговорот често го користев моето практично искуство од работата со Porsche како пример за тоа како големите брендови градат стратегија, вредност и долгорочни партнерства во глобалниот пазар. Наместо класично академско предавање, се обидов разговорот да го направам повеќе како приказна за реални ситуации од бизнисот, за одлуки што морале да се донесат брзо, за креативни маркетинг стратегии и за тоа како новите технологии, особено вештачката интелигенција, почнуваат да играат сè поголема улога во современиот маркетинг.

Студентите покажаа голема љубопитност и за мојата лична приказна

Сепак, интересно беше што студентите на „Warwick Business School“ покажаа особено голема љубопитност не само за бизнис стратегиите, туку и за мојата лична приказна. Голем дел од нив доаѓаат од различни делови на светот, па разговорот природно се насочи кон моето патување како некој што доаѓа од Северна Македонија, продолжува со студии во САД, а денес работи и гради бизнис во Лондон. Токму тој дел од приказната мислам беше најинспиративен за нив. Сакав да им покажам дека патот не мора секогаш да биде линеарен и дека местото каде што сте родени не мора да го дефинира вашиот потенцијал. Со доволно упорност, дисциплина и доверба во процесот, можно е да се изгради кариера, да се добие одлична работа или дури да се создаде сопствен бизнис без разлика од каде доаѓате. По самата презентација останав уште подолго со студентите. Разговаравме, одговарав на нивните прашања, споделував практични совети за кариера, бизнис и личен развој. Многумина сакаа да слушнат повеќе за тоа што навистина е потребно за да се стигне таму каде што сум денес, кои биле најголемите предизвици, како се граделе контактите, како се создавале можностите... Искрено, тој дел од средбата беше можеби и највредниот.

Атмосферата беше исклучително позитивна и инспиративна. Чувството дека можеш директно да им помогнеш на младите луѓе со искуството што си го стекнал низ годините беше навистина посебно. За мене, тоа беше уште една потврда дека приказните за упорност, визија и претприемништво имаат моќ да мотивираат и да отвораат нови перспективи.

Што значи за тебе, како професионалец со македонско потекло, да предаваш на престижен универзитет како „Warwick Business School“ во Велика Британија?

Институции како Harvard University отсекогаш за мене претставувале врв на академскиот свет, место каде што искуството, визијата и личната приказна можат да се претворат во инспирација за идните генерации. Во Обединетото Кралство, „Warwick Business School“ има слична тежина и престиж во академската заедница. Токму затоа оваа покана носеше посебна вредност и значење. За мене, оваа можност никогаш не беше само формално предавање пред студенти, туку продолжение на една подлабока мисија која ме води низ мојата кариера како претприемач и професионалец — да покажам дека со визија, храброст и упорност, дури и најамбициозните цели можат да се претворат во реалност.

Мојот професионален пат започна со силна страст кон бизнисот, маркетингот и спортот, што со текот на времето се претвори во претприемачка кариера. Низ годините, имав можност да работам со глобални брендови како Porsche, да се вклучам во светот на мотоспортот, како и да градам деловни проекти поврзани со маркетинг, инвестиции и управување со таленти во спортската индустрија. Како млад претприемач, мојата работа често беше насочена кон градење партнерства, обезбедување спонзорства, развој на стратегии за брендирање и примена на нови технологии, вклучително и алатки базирани на вештачка интелигенција во маркетингот и деловниот развој.

Овој момент, сепак, носи и многу лично значење за мене. Тоа е нешто за кое често разговарав со еден мој многу близок пријател и ментор кого за жал го изгубив минатата година. Тој беше човек кој постојано ме потсетуваше да размислувам пошироко и похрабро. Неговата омилена реченица која често ми ја повторуваше беше: „Don’t be afraid to dream a little“. Таа мисла остана во мене и во многу аспекти ја отсликува филозофијата која се обидувам да ја живеам и да ја пренесам на младите луѓе. Токму таа порака, дека дури и најневеројатните можности можат да се остварат кога човек има доволно храброст да ги следи своите соништа, е суштината на приказната што ја споделувам.

Да се биде поканет и да се сподели сопствената приказна на „Warwick Business School“ не е само професионална привилегија, туку и длабоко значаен личен момент. Тоа е можност да се придонесе кон истиот дух на амбиција, љубопитност и претприемачка храброст кој некогаш ме мотивираше и мене како млад човек кој штотуку го започнуваше својот пат. Тоа беше вистинско остварување на еден долгогодишен сон. Кога ќе погледнам наназад, од каде започна моето патување, тешко е да не почувствувам благодарност и гордост. Доаѓам од релативно мала земја и токму затоа ваквите моменти имаат уште поголемо значење. Тие се потсетник дека потеклото не мора да ги дефинира границите на човековите можности. Напротив, понекогаш токму тоа те мотивира уште повеќе да работиш, да се докажуваш и да создаваш нешто поголемо. За мене, ова искуство не го гледам само како личен успех, туку и како дополнителна мотивација да продолжам да работам уште понапорно. Да продолжам да „мелам“, да градaм нови проекти, да развивам бизниси и истовремено да инспирирам што е можно повеќе млади луѓе. Ако мојата приказна може барем на еден студент да му даде храброст да верува во себе и во своите идеи, тогаш тоа има огромна вредност.

Во исто време, и покрај сите убави моменти досега, секогаш велам дека најдоброто допрва доаѓа. Следните пет до десет години ќе бидат исклучително важни за мене — период во кој сакам уште повеќе да се развивам како претприемач, како професионалец и како човек. Но, она што можам со сигурност да го кажам е дека патувањето досега беше навистина неверојатно. Уживав во секој момент, во секој предизвик, во секоја нова можност што се појавила на патот. И можеби најважното од сè — не жалам за ниту една одлука што сум ја донел. Секоја од нив беше дел од приказната која ме доведе до тука денес.

Петар Кироваков
Петар Кироваков
Петар Кироваков
Петар Кироваков
Кој совет би им го дал на младите луѓе од Македонија кои сакаат да изградат успешна кариера во меѓународниот бизнис и маркетинг?

Мојот совет кон младите луѓе не само од Македонија, туку од секаде во светот, кои сонуваат за меѓународна кариера во бизнисот и маркетингот, е, пред сè, да веруваат во сопствените соништа и да останат верни на нив, без разлика колку далечни или тешко достижни може да изгледаат на почетокот. Кога денес се навраќам наназад, на моментот пред околу седум години кога ја донесов одлуката да се преселам во Лондон, морам да признаам дека тогаш многу работи беа неизвесни. Да ми кажеше некој во тој момент каде ќе бидам денес, веројатно без двоумење ќе ја прифатев таа авантура. Но, кога навистина се наоѓате во таа позиција пред непознат град, нова средина и неизвесна кариера, тежината на таа одлука е многу реална. Често изгледа предизвикувачки, понекогаш дури и застрашувачки.

Петар Кироваков
Петар Кироваков

Сепак, токму во тие моменти се создаваат најважните пресврти во животот. Патот кон меѓународна кариера ретко е едноставен или предвидлив. Тој бара храброст, трпение и подготвеност да се излезе од сопствената зона на комфор. Затоа мојот најискрен совет е секогаш да го направите тој прв чекор. Без разлика колку предизвикувачки, тежок или дури невозможен може да изгледа. Затоа што со самиот чин на тој чекор, веќе не стоите на истото место, веќе сте еден чекор поблиску до целта. Понекогаш тоа значи да преземете ризик. Понекогаш значи да се преселите во друга земја, да започнете од почеток, да учите, да се прилагодувате и да градите нови можности. Но, со време ќе сфатите дека токму тие храбри одлуки се оние кои ја обликуваат вашата иднина. И ако нешто научив од моето патување досега, тоа е дека ризиците кои ги преземаме во младоста кога се водени од визија, работа и истрајност речиси секогаш се исплаќаат на долг рок. Затоа верувајте во својата визија, направете го првиот чекор и не плашете се од патот што следува. Еден ден, кога ќе погледнете наназад, ќе сфатите дека токму тие чекори ве довеле таму каде што отсекогаш сте сакале да бидете.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
Петар Кироваков

Најнови

  • Од мало девојче до прекрасна девојка: Милан Калиниќ ѝ го честиташе 18-тиот роденден на ќерката

    Fri, 03/13/2026 - 14:10
  • Петар Кироваков

    „Изгледаше предобро за да биде вистина“: Прилепчанецот Петар Кироваков за предавањето на престижниот „Warwick Business School“

    Fri, 03/13/2026 - 13:41
  • Победиците на 12. Меѓународни Медис награди

    Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, на доделувањето на 12. Меѓународни Медис награди за медицински истражувања

    Fri, 03/13/2026 - 12:16
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.