Инвестиција во превенција, поддршка за заштита: ОКТА втора година по ред ја продолжува иницијативата за заштита од пожари
Во пресрет на летната сезона и зголемениот ризик од пожари на отворено, ОКТА и оваа година продолжува со активностите за поддршка на институциите задолжени за заштита и спасување и за подигнување на јавната свест за потребата од поголема превенција.
Во рамки на годишните активности, компанијата обезбеди донација на специјализирана заштитна опрема за пилотите кои управуваат со противпожарните авиони Air Tractor на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – напредна опрема, составена од заштитни одела, јакни, ракавици и чизми, дизајнирана да ја подобри безбедноста и отпорноста на пилотите за време на мисии за гаснење пожари со висок ризик.
Паралелно со донацијата, ОКТА втора година по ред ја реализира кампањата за превенција од пожари на отворено под слоганот „Пази што правиш! За пожар малку треба!“, која се спроведува во партнерство и со поддршка на Дирекцијата за заштита и спасување и ЈП „Национални шуми“. Кампањата има за цел да ја поттикне јавноста на одговорно однесување во природа и да укаже на ризиците од невнимание, кои честопати се причина за појава на пожари со сериозни последици по животната средина, шумските ресурси и безбедноста на граѓаните.
„Како компанија која континуирано вложува во безбедноста, заштитата на животната средина и поддршката на заедницата, веруваме дека превенцијата е најефикасниот начин за намалување на ризиците од пожари. Со оваа донација сакаме да дадеме конкретен придонес во зајакнувањето на капацитетите на институциите кои секојдневно се грижат за безбедноста на граѓаните и заштитата на природните богатства. Истовремено, преку кампањата продолжуваме да ја испраќаме пораката дека секој од нас има одговорност и улога во спречувањето на пожарите“, изјави главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос.
Дирекцијата за заштита и спасување е една од клучните институции во системот за справување со пожари на отворено и преку своите воздухопловни капацитети има значајна улога во раното интервенирање и ограничувањето на пожарите на тешко пристапни терени.
„Поддршката од општествено одговорни компании како ОКТА има клучна улога во зајакнувањето на оперативната подготвеност и ефикасноста на Дирекцијата за заштита и спасување. Инвестициите во безбедноста и условите за работа на нашите вработени директно придонесуваат за подобрување на нашата подготвеност за навремен и ефикасен одговор при вонредни состојби, заштита на човечките животи, заедницата и животната средина. Подеднакво важно е и сознанието дека најдобриот начин за справување со шумските пожари е нивното спречување пред да се случат. Во таа насока ја поздравуваме и поддржуваме кампањата за подигнување на јавната свест, која се однесува на причините за појава на пожарите и придонесува кон градење посилна култура на одговорност, подготвеност и превенција во општеството“, изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во изминатите години, ОКТА континуирано инвестира во зајакнување на капацитетите на државата за превенција и справување со пожари - од поддршка за рано откривање на пожари и опремување на службите кои се на првата линија за одбрана, до воспоставување на првиот центар за обука во земјата за противпожарна заштита од нафтени деривати. Овие иницијативи ја потврдуваат долгорочната посветеност на компанијата кон создавање побезбедни и поотпорни заедници.
Заштитата на шумите и природни ресурси е заедничка одговорност што бара соработка, подготвеност и одржливо дејствување. Само преку здружени напори на институциите, бизнис-заедницата и граѓаните можеме да создадеме трајно позитивно влијание, да ги намалиме ризиците и да обезбедиме побезбедна и позелена иднина за идните генерации.
Преку партнерство и споделена одговорност, можеме да направиме значајна разлика денес и да ја зачуваме нашата животна средина за утре.