„Инспирација ни беше ќеркичката со цртаниот филм 'Моана', сакавме да ја однесеме на остров“: Ана и Ненад Пантовиќ со двете деца на семејна авантура на Маурициус
Пливање со делфини и желки, сафари, истражување на тропската природа, уживање на бескрајни песочни плажи покрај тиркизниот океан... Вака изгледаше одморот на Ана и Ненад Пантовиќ, кои со децата Лана и Лука се впуштија во незаборавна семејна авантура на егзотичниот Маурициус.
Специјална инспирација за патувањето била 6-годишната Лана. Знаејќи колку многу го обожава анимираниот филм „Моана“, посветените родители решиле да ја однесат на остров на кој барем за момент ќе може да се почувствува како омилената хероина.
На Маурициус, Ана и Ненад имале можност и самите да го искусат сето она што им го препорачуваат на клиентите преку нивната туристичка агенција Bespoke Travel, од најдобриот избор на хотел до планирањето активности во кои ќе ужива целото семејство.
За Фемина, сопругата на косопственикот на луксузниот бренд Signori раскажува како изгледал одморот со две мали деца на еден од најубавите острови во Индискиот Океан, што најмногу ги воодушевило Лана и Лука и зошто долгото патување не треба да биде причина семејствата да се откажат од ваквите доживувања.
Од каде дојде идејата токму за Маурициус и како се одлучивте да одите со двете деца?
Маурициус нè привлече со природата и можноста за мирни денови на плажа, но сакавме и малку авантура - да откриваме нови места и да создаваме спомени заедно како семејство. Дополнителна инспирација ни беше ќеркичката, која многу го сака цртаниот филм „Моана“. Оттаму дојде и желбата да ја однесеме на остров, каде што ќе може да почувствува дел од таа атмосфера - океанот, палмите и истражувањето. Така, ова патување стана една мала семејна авантура на која сите ѝ се радувавме.
Како изгледаа подготовките за патувањето, особено кога патувате како четиричлено семејство на толку далечна дестинација?
Бидејќи ја имаме нашата туристичка агенција Bespoke Travel и секојдневно организираме патувања, подготовките ни се добро познати. Овојпат го планиравме патувањето за нашето семејство, па професионалното искуство го споивме со она што ни е важно како родители на две мали деца.
Почнавме со истражување на хотелите - какви содржини имаат за деца, каква е плажата, храната и детскиот клуб. Летовите намерно ги избравме да бидат ноќни, за децата да можат да преспијат поголем дел од патот. Однапред ги организиравме и приватните трансфери, од превозот од дома до движењето на островот. Сакавме кога ќе пристигнеме, да можеме да уживаме во патувањето, со организацијата веќе средена.
А пакувањето беше како кај секое семејство со мали деца - резервна облека, ужинки, занимации за во авион и она чувство дека сигурно нешто си заборавил.
Како помина патувањето и долгите летови со децата? Дали имавте некои предизвици и како ги надминавте?
Секако дека пред тргнување размислувавме како ќе поминат толку часови во авион. Имаше и замор и моменти кога требаше да смислуваме со што да ги занимаваме, но со малку трпение и со тоа што се менувавме околу нив, го поминавме патот.
Поради туристичката агенција ни беше важно преку ова патување да го доживееме целиот процес и како родители со две мали деца. Грижата за нашите клиенти секогаш сакаме да биде на високо ниво, а кај семејствата со деца тоа значи да размислиш и за многу ситници однапред. Од превозот од дома, преку летовите, до пречекот на дестинацијата - секој добро организиран дел им остава на родителите една грижа помалку. Тоа е чувството што сакаме да го имаат и нашите клиенти кога патуваат со нас.
Како се снајдовте на Маурициус со децата... дали дестинацијата е погодна за семејства со мали деца?
Многу лесно, а мислам дека голем дел од тоа се должеше на претходното истражување. Посветивме доста внимание на тоа кој хотел е навистина погоден за мали деца и што конкретно нуди за нив. За нашиот престој го избравме Heritage Le Telfair, па уште пред тргнување имавме јасна слика што можеме да очекуваме.
На Маурициус се чувствувавме многу безбедно, што како родител навистина ти значи. Луѓето беа исклучително гостопримливи и топли кон децата. Тоа многу придонесе да се опуштиме и да уживаме во престојот, и во хотелот и додека го истражувавме островот.
Како ви изгледаше еден типичен ден таму, повеќе време поминувавте на плажа и во хотелот или постојано истражувавте?
Имавме и мирни денови за одмор, плажа и уживање во хотелот, но поголемиот дел од деновите ни беа исполнети со активности и излети. Локацијата на хотелот беше одлична, бидејќи се наоѓаше во близина на повеќето атракции што сакавме да ги посетиме. Дополнително, имавме организирани приватни трансфери до локациите, што многу ни го олесни движењето со децата и ни овозможи да го искористиме времето без непотребен стрес.
Некои утра започнуваа со појадок и кратко време покрај базен или на плажа, а потоа продолжувавме со планираните активности. Имавме денови со возење со брод, посети и истражување на островот, па затоа постојано се случуваше нешто ново. Секако, се обидувавме да оставиме и време за одмор, особено поради децата, но целото патување ни беше исполнето со различни доживувања. Токму таа комбинација најмногу ни одговараше - да имаме и мирни моменти, но и повеќето денови да ги поминеме активно, откривајќи го Маурициус.
Кои места и атракции на Маурициус би им ги препорачале на родители кои првпат го посетуваат островот? Што едноставно не треба да се пропушти?
Маурициус ни понуди баш убава комбинација од семејни доживувања и малку авантура. Би го издвоила денот со брод, кога пливавме со делфини и желки, а потоа ручавме на остров со локална музика. Прекрасно искуство ни беше и сафари-посетата во зоолошкиот парк, особено за децата, кои имаа можност да видат многу животни одблиску.
Имавме и една авантура само јас и сопругот - лет со хеликоптер над познатиот „подводен водопад“. Тоа е оптичка илузија во океанот, а погледот од воздух е навистина неверојатен. За нас беше една од најубавите екскурзии на Маурициус.
Додека бевме на летот, децата останаа во детскиот клуб во нашиот хотел, кој е меѓународно акредитиран. Тоа ни беше важен детаљ при изборот на хотелот и ни даде дополнителна доверба да одвоиме малку време и за едно доживување само за нас двајца.
За оние што сакаат спорт и активен одмор, голф-игралиштата на островот се исто така одлична можност. Маурициус има прекрасни терени опкружени со тропска природа и океански пејзажи, па дури и за оние што не играат голф, посетата или престојот во таков амбиент може да биде посебно доживување.
Кои беа омилените моменти и активности на децата, што најмногу им се допадна и што ќе паметат од патувањето?
За овој дел би рекла дека децата често се радуваат на многу поедноставни работи, играњето во песок, времето во вода и тоа што сме заедно им го исполнуваат денот. Возењето со брод и средбата со морскиот свет се моменти кои би ги издвоила од ова патување. А што ќе паметат најдолго, веројатно ќе нè изненадат самите - можеби некој мал детаљ кој ние едвај сме го забележале.
Дали имавте некое посебно или неочекувано искуство таму кое ви остана во најубаво сеќавање?
Ручекот на остров со локалната музика ми остана како еден од најубавите моменти. По сите доживувања на океанот, седнавме заедно, околу нас таа прекрасна природа, музика и многу опуштена атмосфера. Тоа беше еден од оние моменти кога си велиш: „Колку е убаво што дојдовме“. Токму за такви заеднички доживувања и го посакувавме ова патување.
Би го издвоила и подводниот водопад - уникатно природно чудо и оптичка илузија што не може да се доживее на друго место.
Што би им советувале на родителите кои размислуваат да одат на вакво далечно патување со деца?
Би почнала од изборот на туристичка агенција. Важно е да имате некој кој ќе ве сослуша, ќе разбере што му е потребно на вашето семејство и ќе се погрижи за сите детали. За родителите кои сакаат да уживаат во патувањето, без самите да ја преземат целата организација, тука сме ние во Bespoke Travel. И како родители знаеме колку значи да тргнете спокојно, со сè организирано и со поддршка на која можете да сметате.
Посебно внимание би посветила на изборот на хотелот, условите за деца, плажата, времетраењето на летовите и трансферите. Убавите фотографии можат да ве привлечат, но токму овие детали прават најголема разлика во престојот.
И, секако, не треба да дозволите стравот од долгиот пат да ја надвладее желбата за патување. Патувањето со деца бара повеќе организација, но носи и многу радост. Нам ни беше прекрасно што можевме да го доживееме Маурициус заедно со нив и повторно би избрале ваква семејна авантура.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk