„Имињата на децата се од нигериско потекло, Оланна зборува четири јазици“: Ана Најдовска за мешаниот брак и мајчинството во Норвешка
Кога љубовта ги диктира правилата, географските дистанци стануваат невидливи, а различните традиции се претопуваат во најубава животна симфонија. Македонката Ана Најдовска ја живее токму оваа возбудлива интернационална приказна.
Нејзината љубов со норвешкиот фудбалер Чума Уче Анене ја одведе од скопските улици до норвешките фјордови, спојувајќи го македонскиот темперамент, нигериското културно наследство и скандинавскиот мир во едно уникатно семејно јадро. Изминативе години нивниот дом е во Осло, каде што заедно ги воспитуваат шестгодишната ќерка Оланна и едногодишниот син Оби.
Во отворен разговор за Фемина, Ана нè води низ своето секојдневие, споделувајќи ги лекциите за родителството научени од беспрекорниот норвешки систем, интимните моменти на созревање додека партнерот гради спортска кариера и силната врска која нејзините деца ја негуваат со Македонија.
Како започна вашата љубовна приказна и што ве поврза уште на самиот почеток?
Тој беше со неверојатна решителност да ме освои... и успеа
Нашата љубовна приказна започна сосема неочекувано и спонтано. Пред точно десет години, се запознавме преку заеднички пријател. На почетокот комунициравме преку пораки, а потоа полека почнавме и да излегуваме. За мене тоа беше она вистинско чувство на „пеперутки во стомакот“ уште од првата средба.
Она што нè зближи беа нашите спонтани и исполнети средби, секогаш проследени со смеа и искрени разговори. Со него постојано се смеев и се чувствував посебно. Тој беше комуникативен, смирен и внимателен, со почит и убави манири, но и со неверојатна решителност да ме освои. И навистина успеа.
Дали на почетокот од врската се соочивте со предрасуди и како тоа влијаеше врз вас како пар?
Искрено, не паметам да имало предрасуди од луѓето што нè познаваа, напротив, имавме само поддршка. Секако, како мешан пар знаевме да фатиме по некои љубопитни погледи, особено пред десетина години. Но, ние никогаш не дозволивме тоа да влијае на нас. Нашиот фокус отсекогаш бил љубовта и почитта меѓу нас.
Со оглед на честите разделби и селидби поради неговата фудбалска кариера, како ги доживеавте бременостите и мајчинството во тие периоди?
Чума потпиша договор во Англија, а јас останав сама во Норвешка со мало бебе
Првата бременост и мајчинство дефинитивно не беа лесни. Кога се роди Оланна, Чума потпиша договор во Англија, а јас останав сама во Норвешка со мало бебе. Моите родители доаѓаа неколку пати да помогнат, како и неговите, и таа поддршка многу ми значеше.
Но, сепак имаше денови кои ги паметам како навистина тешки. Тоа беше период на голема емоционална и физичка исцрпеност, но и на огромен личен раст. Тие моменти ме направија посилна, како жена, како мајка и како личност. Ме научија на трпение, издржливост и на тоа дека можам повеќе отколку што мислам.
Какво искуство имавте со бременостите и породувањата во Норвешка? Што ви остана најмногу во сеќавање?
Во Норвешка прегледите во бременоста се ретки и многу „опуштени“
И бременостите и породувањата во Норвешка ми се едни од најубавите искуства во животот. За време на двете бремености бев многу активна и постојано во движење, што е и нормално за животот во Осло. Прегледите се ретки и многу „опуштени“, па на моменти дури и забораваш дека си бремена. Нема непотребни анализи и дополнителни испитувања.
Породувањата беа едни од најемотивните моменти во мојот живот. Грижата и достоинството со кое се третира мајката, тоа никогаш нема да го заборавам. Понекогаш, кога ќе помислам на тие денови, чувствувам благодарност… и можеби мала желба повторно да го доживеам тоа.
Дали чувствувавте страв или несигурност при преселбата и адаптацијата со две мали деца во нова држава?
Живеам надвор од Македонија веќе 9 години, па за мене адаптацијата отсекогаш доаѓала природно и лесно. Но, преселбите со Оланна додека беше бебе, ми носеа мала доза на страв и неизвесност, иако во исто време беа и возбудливи. До нејзината трета година се селевме неколку пати и искрено, не беше тешко. Таа порасна со таков начин на живот и едноставно беше навикната. Со Оби веќе сме официјално стационирани во Осло и немаме никакви проблеми со адаптацијата.
Како изгледа еден ваш обичен ден со Оланна и Оби? Какви деца се по карактер и дали покажуваат наклонетост кон спортот?
Нашето секојдневие е мешавина од мал хаос и многу љубов
Нашето секојдневие е мешавина од мал хаос и многу љубов. Стануваме рано. Сопругот најчесто ја подготвува Оланна и нејзиниот доручек, додека јас се грижам за Оби. Оланна оди на училиште, а јас и Оби остануваме дома. Сопругот моментално работи како тренер во приватна академија за деца и има флексибилно работно време, па често утрата ги поминуваме заедно.
По доручекот играме малку дома, подготвувам ручек за Оби и задолжително излегуваме на прошетка. Тоа ни е секојдневна рутина. Често одиме во библиотеката во Осло, која има дел за мајки и бебиња. Таму има навистина преслатка атмосфера, бебињата се дружат, мајките се запознаваат. Потоа, тој обично заспива во количка, а јас го користам времето за кафе, прошетка или обврски.
Попладне ја земаме Оланна од училиште, ручаме, играме, се тушираме и веќе во 19:30 Оби е во кревет. Оланна останува уште малку будна, а потоа и таа си легнува. Ние најчесто гледаме филм или си легнуваме рано.
Оланна има 6 години и е исклучително емотивна, грижлива и одговорна.
Оби е наша мала радост, весел, љубопитен, секогаш гладен и секогаш во движење. Оланна веќе покажува интерес за спорт, моментално тренира ракомет. А Оби ми се чини дека топката му е омилена играчка уште отсега.
Од каде потекнуваат нивните имиња и какво значење носат за вашето семејство?
И двете имиња се од нигериско, Igbo потекло. Оланна значи „Божји дар“, а Оби значи „Срце“. Многу ми е драго што им избравме имиња со силно значење и што се посебни за нас.
Какво е вашето искуство со норвешките градинки и системот за грижа за деца?
Децата се постојано надвор, дури и кога врне или е -10°C
Оланна започна со градинка на тригодишна возраст, кога сметавме дека е вистинско време. Таа беше подготвена, а и ние како родители. Бевме многу задоволни. Единствено на почетокот ми беше необично што децата се постојано надвор, дури и кога врне или е -10°C. Подоцна сфатив дека со соодветната облека, тоа воопшто не им претставува проблем.
Норвешкиот систем става огромен акцент на играта, природата и емоционалниот развој. Децата поминуваат многу време надвор, учат самостојност и почит. Ми се допаѓа што нема притисок, туку се следи ритамот на детето.
Како ги воспитувате децата во духот на повеќе култури, јазици и идентитети? Знаат ли по нешто на македонски? Што велат за Македонија?
Оланна течно зборува четири јазици
Ги воспитуваме паралелно во духот на македонската, нигериската и норвешката култура. Оланна течно зборува четири јазици: македонски, игбо, англиски и норвешки. Таа е исклучително поврзана со Македонија и често вели дека сака да живее таму. Дури и сега, додека баба ѝ е на гости, секојдневно „преговара“ како да замине со нив.
Порасната сте тука... Што најмногу ви недостасува од Македонија во секојдневниот живот?
Најмногу луѓето. Фамилијата, пријателите, храната, спонтаните кафе-разговори. Но, се трудиме често да се гледаме и да ја чуваме таа блискост.
Дали планирате како семејство да ја посетите Нигерија и што би сакале децата таму прво да го доживеат?
Во 2026 планираме да ја посетиме Нигерија
Да, 2026 е година во која сакаме како семејство да ја посетиме Нигерија. Сакам децата да ја почувствуваат енергијата, музиката, храната и топлината на таа земја. Да разберат дека и таму има дел од нив.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk