Херојот Јован, кој спаси 21 живот во пожарот во „Пулс“, доби светско признание за храброста
Јован Костадинов од Виница e меѓу младите од целиот свет кои годинава ќе ја понесат престижната награда „Младинска храброст 2026“.
Признанието оди за храброто момче за неговото херојско дело за време на трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, кога со огромен ризик за сопствениот живот успеал да помогне и да извлече 21 лице.
Кога огнот ја зафатил дискотеката на 16 март 2025 година, Јован не се повлекол пред опасноста. За да се заштити од густиот чад, ставил мокра маица преку устата и носот, а потоа повторно влегол во објектот за да им помогне на оние кои се нашле во смртна опасност.
Неговата храброст сега добива меѓународна потврда. Наградата ја доделува Академијата „Раул Валенберг“, во партнерство со Шведскиот институт и шведските амбасади, на млади луѓе кои со своите постапки покажуваат дека храброста, човечноста и одговорноста немаат возраст.
Честитки за Јован Костадинов, кој е еден од добитниците на Меѓународната награда за младинска храброст за 2026 година!
Амбасадорот на Шведска во Северна Македонија, Ола Солстром, денеска се сретна со Јован и неговата сестра Јована за лично да му оддаде признание за неговата исклучителна храброст.
Пред само една година, Јован го ризикуваше сопствениот живот за да спаси 21 млад човек во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, чин на вистинска морална храброст.
Следната недела, Јован ќе отпатува во Стокхолм, каде што ќе ја прими наградата заедно со уште 15 инспиративни млади луѓе од целиот свет кои придонесуваат за позитивни промени во своите заедници.
Наградата за младинска храброст се доделува секоја година на млади луѓе на возраст од 13 до 20 години кои, со малку или без никакви ресурси, прават значајна разлика во своите заедници.
👏 Браво, Јован – твојата храброст е инспирација за сите нас! – стои во објавата на амбасадата.
Претходно, во интервју, Јован раскажа за ужасните моменти за време на пожарот.
„Од внатре се слушаше само пискање од женски. Јас зедов една маса и го скршив прозорецот и со цревото прскавме вода внатре. Тие пискаа, ги прскавме со вода 2-3 минути. После јас го зедов цревото, се измокрив, а другите останаа уште да прскаат. Отидов на главниот влез ама таму беа многу заглавени и немаше можност да се влезе.“
„Јас влегов преку прозорецот кој е кај билетите. Во таа соба имаше четири или пет души. Вратата беше заглавена од луѓето што беа натрупани. Ја скршивме вратата и почнавме да ги вадиме еден по еден. Тие што беа најгоре сите пискаа, беа изгорени. Имаше и онесвестени, уште тогаш на почетокот.“
„Додека имаше свесни луѓе, сè одеше побрзо – тие што ги вадиш, сами си излегуваа надвор пред диското. Ама потоа почнуваа да се извлекуваат само онесвестени, почнаа само цели изгорени и едноставно и ти мора да го извадиш до надвор пред диското, на безбедно“ - рече тој.
Јован им помагал и на повредените пред дискотеката, меѓу кои и на онесвестена девојка која си го проголтала јазикот.
„Таму имаше многу девојки кои лежеа и една знам лежеше на страна и се тресеше. Некој праша кој знае да помогне, бидејќи си го голтнала јазикот. И јас пробав, го фатив јазикот и го повлеков ама не знаев како, досега не сум го правел тоа. Дојдоа докторки ѝ помогнаа, ја измија“ – раскажа Јован.
Наградата „Младинска храброст“ е востановена во 2015 година и го носи името на Раул Валенберг, шведскиот дипломат и хуманитарец познат по својата исклучителна храброст за време на Втората светска војна.