• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Шоу-бизнис

Големи имиња и големи признанија: Доделени престижните награди на отворањето на „Браќа Манаки“

20 септември 2026, 13:00
  • cподели

Светски мајстори на кинематографијата, истакнати домашни филмски имиња и признанија за творештво кое остава трага ја одбележаа свечената церемонија со која беше отворено 47-мото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

Вечерта започна со музички перформанс под диригентската палка на Џијан Емин и настап на BitVox, по што директорот на фестивалот Димитрија Доксевски им посака добредојде на присутните. Во духот на годинашното мото „Ткајачи на филм“, тој зборуваше за потребата на човекот да го сочува животот во кадри и за нишката која повеќе од еден век ги поврзува првите снимки со современата кинематографија.

„Пред повеќе од 100 години кога за првпат се појави камерата, се родила и желбата да се снима животот. Сè со една цел – да се сочуваат спомените. Тоа до ден-денес нè тера да го снимаме она пред нас, на љубов, на споделување на емоција... Сите вие вечерва овде учествувате директно во градење, чување и негување на оваа традиција, на овој Фестивал на кој ткаеме љубов, ткаеме нешто убаво со кое сите сме горди. Ткаеме филмови и ткаеме уникатен фестивал. Никогаш нема да престанеме да ткаеме убави работи. Да живее нашиот фестивал ‘Браќа Манаки’“, рече Доксевски.

Димитрија Доксевски, директор на фестивалот „Браќа Манаки“
Димитрија Доксевски, директор на фестивалот „Браќа Манаки“
Димитрија Доксевски, директор на фестивалот „Браќа Манаки“
„Браќа Манаки“

Еден од најемотивните моменти на свеченоста беше доделувањето на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм. Претседателката на ДФРМ, Марија Димитрова, признанието му го врачи на актерот Петре Арсовски, оддавајќи почит на неговото повеќедецениско творештво.

„Друштвото на филмски работници останува да биде темел на македонскиот филм и дел од неговото создавање и промоција. Доказ за тоа е токму тоа што на ова отворање ќе се прикаже македонски филм, а исто така и на затворањето на фестивалот ќе се прикаже македонски филм, а режисерите на двата филма се членови на ДФРМ. Тоа што фестивалот ‘Браќа Манаки’ го носи кремот на филмската кинематографија, овде, во Битола, ни овозможува, нам, на филмските работници непосредни средби и дружење со светските кинематографери“, истакна Димитрова која се заблагодари на Агенцијата за филм, на Општина Битола и на сите останати кои помагаат македонските филмови да станат реалност.

Петар Арсовски
Претседателката на ДФРМ, Марија Димитрова
Марија Димитрова, претседателка на ДФРМ

Примајќи ја ѕвездата изработена од „Божиновски часовници и накит“, Арсовски посочи дека тоа доаѓа од луѓето со кои повеќе од 50 години „војува“ пред филмската камера.

„Му благодарам на ДФРМ за наградата и им благодарам на сите кои издржаа со мене 55 години да создаваме македонска кинематографија“, рече Арсовски.

Петре Арсовски
Петре Арсовски ја прими наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм

 

На фестивалската сцена излезе и Јануш Камински, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело во 2020 година, кој шест години подоцна допатува во Битола и лично ја поздрави публиката во Центарот за култура.

„Оваа наградa веќе стои кај мене дома заедно со останатите награди кои сум ги добил. Прекрасна рачна изработка и многу сум среќен и ви благодарам прекрасни луѓе“, рече Камински и истакна дека многу му се допаднала музичка точка на почетокот на свеченоста.

Меѓу централните моменти на свеченоста беше и оддавањето признание на Џеф Кроненвет, годинешен добитник на Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската уметност. Наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

„Фестивалот ‘Браќа Манаки’ има посебно место во филмскиот свет, бидејќи ја слави работата на кинематограферите, на луѓето зад камерата. Тој ја претставува работата на следната генерација кинематографери. Младите кинематографери имаат потреба од ваков фестивал, место каде ќе можат да креираат контакти, пријателства, размена на искуства... Кога бев млад, учев од моите постари колеги, гледајќи ги нивите филмови, се надевам дека сега јас возвраќам со тоа што им помагам на помладите колеги. Фестивалот ‘Браќа Манаки’ ја одржува оваа традиција жива и ги поврзува генерациите во време кога технологијата ги менува начините на работа“, рече Кроненвет и се заблагодари за топлиот прием.

Џеф Кроненвет
Џеф Кроненвет

Градоначалникот Коњановски истакна колкаво значење фестивалот има за Битола и нејзиниот културен идентитет.

„Фестивалот ‘Браќа Манаки’, не е само културен настан на Битола со интернационален карактер. Тој е дел од нашиот идентитет, традиција, наследство и живо сведоштво за првите сниматели на Балканот, кои со своите кадри започнаа да ја ткаат филмската историја на овие простори.

Како градоначалник на Битола, а пред сè како битолчанец, посебно сум горд што нашиот град е дом на фестивал кој речиси пет децении гради културни мостови, поврзува филмски автори од различни меридијани и го носи името на Битола надвор од границите на нашата земја“, рече Коњановски.

Посебно место во вечерта му припадна и на Дан Лаустсен, добитник на Специјалната „Златна камера 300“ за животно дело. Наградата на прославениот кинематографер му ја врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

„Во 1969 година ја купив првата камера, подоцна патував низ светот целиот мој живот и мислам дека оваа уметност која ја правиме снимајќи филмови е мошне респектабилна“, рече Лаустсен.

 

Дан Лаустсен
Дан Лаустсен

Како покровител на ИФФК „Браќа Манаки“, Сиљановска-Давкова го прогласи 47-мото издание на фестивалот за отворено, осврнувајќи се и на присуството на два македонски филма во официјалната конкуренција.

„Треба да сме горди што меѓу 12-те филмови во конкуренција се најдоа и два македонски филма со кои ќе се отвори и затвори 47-мото издание на ИФФК ‘Браќа Манаки’. Во овој чин јас препознавам признание и импулс за македонскиот филм. И на ова издание на ‘Браќа Манаки’ ќе ја потврдиме посветеноста кон уметноста, културата и творештвото како возвишени облици на човечка духовна слобода. Впрочем, ‘Браќа Манаки’ одамна не е само фестивал, тоа е културна институција со препознатлив меѓународен авторитет, докажан културен идентитет и долг духовен емоционален мост што ја поврзува македонската и балканската кинематографија со светската“, истакна претседателката Силјановска Давкова.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

На свеченоста беше доделена и наградата на „Сумолајт“, наменета за тандем од кинематографер и негов гафер. Годинашни добитници се Мајкл Снајмен и Михалаче Флорин.

„Ако некој ми кажеше дека некогаш ќе стојам на оваа сцена и ќе ја примам оваа награда ќе му речев дека се шегува. Благодарам ‘Браќа Манаки’, благодарам ‘Сумолајт’, благодарам Мајкл Снајмен“, рече Флорин, заблагодарувајќи се за признанието.

Со доделувањето на признанијата беше означен почетокот на седумдневната фестивалска програма, во чии рамки ќе бидат прикажани 84 филмови, а во Битола се очекуваат 1.000 автори, професионалци и гости од целиот свет.

 

Фото: Ивона Кочов, Александар Василевски / Femina.mk

Tags
Браќа Манаки
Браќа Манаки 2026

Најнови

  • Браќа Манаки

    Големи имиња и големи признанија: Доделени престижните награди на отворањето на „Браќа Манаки“

    Sun, 09/20/2026 - 13:00
  • Модата на „Браќа Манаки“ 2026

    Филмска магија и мода: Црвениот тепих на свеченото отворање на „Браќа Манаки“ во Битола

    Sun, 09/20/2026 - 09:45
  • Гордана Сиљановска-Давкова

    Цветна префинетост: Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на црвениот тепих на свеченото отворање на „Браќа Манаки“

    Sat, 09/19/2026 - 23:01
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.