6 месеци живот, 6 месеци во болница: Да помогнеме бебето Михо конечно да си оди дома кај сестрата близначка и родителите
Шест месеци живот, шест месеци храбра борба и еден сон кој за повеќето семејства се подразбира, а за неговото семејство сè уште е недостижен – малото бебе Михо конечно да си замине дома и да биде заедно со оние кои најмногу го сакаат.
Роден предвреме заедно со сестричката близначка Мина, Михо од Прилеп се бори со тешка бактериска инфекција и хидроцефалус и од раѓањето е во болница. Додека Мина расте, родителите секојдневно се делат меѓу грижата за неа и болничкиот кревет на Михо, копнеејќи да ги прегрнат двете деца заедно.
Надеж е лекувањето во Истанбул, каде што Михо треба да замине на 12 ноември, но само еден ден на интензивна нега чини 2.000 евра. Трошоците се преголеми за семејството, па секоја донација е драгоцена помош за неговото лекување.
„Знаете што сонувам секоја вечер? Сонувам да си одам дома! Да ја почувствувам мама без болнички мирис, да заспијам во прегратката на тато и да си играм со мојата сестричка Мина“ – стои во емотивниот апел објавен во име на малиот Михо.
Како да донирате?
Преку картичка, PayPal, Apple Pay, Google Pay, Revolut и IBAN можете да донирате тука:
Линк за донација
Можете да донирате на платформата без разлика на која валута се парите на вашата сметка/картичка брзо, лесно и безбедно.
Донации преку банкарска сметка
Банка: Allianz Bank
IBAN: BG36BUIN95611000739743
BIC: BUINBGSF
Примател: Foundation Pavel Andreev
Цел на дознака: Михо Николовски
Емотивното писмо напишано од перспектива на малиот Михо:
Здраво, свету! Јас сум Михо, имам само шест месеци и сè уште не сум бил дома кај мојата сестричка.
Здраво, свету!Јас сум Михо и иако сум многу мал, бескрајно ви благодарам за поддршката и надежта што им ја давате на мама, тато и дада.
Се родив во седмиот месец заедно со мојата сестра Мина. Нашата приказна е долга... И се надевам дека еден ден, кога сите заедно ќе бидеме дома, мама ќе ви ја раскаже до крај — со насмевка и солзи радосници во очите.
Накратко... Се родив како здраво и храбро, но мало бебе, заедно со мојата сестра.
И успеавме!
Со многу молитви, солзи, верба и секојдневни патувања од стотици километри, мама и тато доаѓаа само за да ни го шепнат она што ни даваше сила:
„Дада и бато се најубавото нешто на мама и тато.“
Да, пораснавме и во првите недели веќе почнавме да дишеме самостојно. Преживеавме сепса во болница и тогаш мама и тато помислија дека конечно сè ќе биде во ред и ќе си одиме дома.
И да, Мина беше многу силна и успеа, но јас останав!
Кај мене се случи нешто... И не знаеме како, но една опасна бактерија, Псевдомона, ја премина крвно-мозочната бариера и сега живее во ликворот што го штити моето мозоче.
Шест месеци се борам со тешка бактериска инфекција и хидроцефалус. Лекарите се обидуваа да ја стават инфекцијата под контрола со антибиотици и пункции, но таа сè уште не е исчезната. Поради инфекцијата и водичката во моето паметно главче, сè уште ме хранат преку сонда. Од раѓање сум во болница.
Времето минува, Мина расте, а јас сè уште не знам како е да заспијам во моето креветче, да се разбудам дома и мама да е тука до мене.
Знам дека ќе кажете дека сум храбар, знаат и мама, и тато, и дада.
Шест месеци сум во болница. Шест месеци мама и тато се делат меѓу мене и дада Мина. Шест месеци нивниот најголем сон е едноставен — нивните две деца конечно да бидат заедно дома.
Тие не се откажуваат од мене.
И јас ќе се борам и нема да се откажам!
Знам дека заедно ќе успееме да ја исчистиме оваа бактерија и сè да биде во ред, но за тоа ни треба и ВАШАТА ПОМОШ.
Ќе бидам храбар и умен како досега. Мама и тато секој ден ми кажуваат дека сум најхраброто бебе на овој свет.
Сега имаме надеж. Морам да заминам на лекување во Истанбул, Турција, на 12 ноември. Таму ќе се направат дополнителни испитувања и ќе се процени и спроведе потребниот третман за мојата инфекција и хидроцефалус.
Ме очекуваат сложени медицински процедури, вклучително и планирана надворешна дренажа, а понатаму, зависно од состојбата и контролата на инфекцијата, и поставување шант. Никој сè уште не може точно да каже колку долго ќе трае лекувањето и колку време ќе треба да поминам во болница.
Она што го знаеме е дека трошоците се огромни, а само еден ден интензивна нега за мене чини 2.000 евра.
Мама и тато би направиле сè на светот за да ме излечат. Но оваа битка е преголема за да ја извојуваат сами.
Знаете што сонувам секоја вечер?
Сонувам да си одам дома!
Да ја почувствувам мама без болнички мирис, да заспијам во прегратката на тато и да си играм со мојата сестричка Мина.
ВИ БЛАГОДАРАМ за поддршката, помошта, споделувањето и за тоа што сте дел од нашата приказна, која ВЕРУВАМЕ дека ќе има СРЕЌЕН крај.
Со љубов и надеж,
НАЈХРАБРОТО на мама, тато и дада — бебе Михо.
Неговата мајка Мартина напиша:
„Некои благослови доаѓаат тивко и засекогаш го менуваат светот.“
07.05.2026 🩵🩷Тато и мама многу пред овој ден ви ветија дека ќе бидете најсаканите деца на овој свет, а Бог ќе ве чува како и досега, бидејќи знае дека сте наша најголема љубов!
Михо е нашето храбро чудо! 🩵🍀🙏🏻“
Сега на ова мало храбро момче му е потребна нашата помош. Секој дониран денар, секоја споделена објава и секоја подадена рака можат да бидат дел од неговата борба за оздравување.
Да му помогнеме на Михо да ја добие својата шанса за живот без болнички соби и да порасне покрај својата сестричка!