Го качи синчето на сцената, пееше во чест на ДНК и Тоше... Лозано со незаборавен концерт во Скопје ја одушеви публиката
Влатко Лозаноски – Лозано приреди вечер за паметење во „Борис Трајковски“ во Скопје, каде илјадници обожаватели уживаа во музички настан исполнет со емоции, хитови и силна енергија.
На концертот „Километри љубов“, 40-годишниот македонски пејач имаше внимателно осмислен спектакл со богата сценографија, танчерски точки и сцена која се протегаше низ публиката и му овозможи постојано да биде во близина на фановите.
Лозано ја отвори вечерта со еден од неговите најпознати хитови „Мандарина“, со што веднаш ја крена атмосферата во салата. Во текот на концертот се нижеа и други песни кои ја одбележаа неговата кариера, а публиката од различни генерации ги пееше во еден глас.
Еден од најемотивните моменти беше кога Лозано накратко го донесе на сцената својот син Марко. 15-месечното детенце љубопитно гледаше во публиката, додека присутните го поздравија со долг аплауз.
Концертот беше збогатен и со познати гости. На сцената му се придружи бремената Александра Јанева, со која ја изведоа „Не те вадам јас од памет“, а потоа настапија и Никола Перевски – Пере од „Нокаут“ и Мики Јовановски-Џафер, кои донесоа дополнителна енергија и музичка магија.
Особено силен момент беше делот посветен на членовите на групата ДНК. Седејќи и свирејќи на пијано, Лозано изведе две песни во чест на своите пријатели. Публиката со телефоните создаде ѕвездено небо, а им оддаде почит со аплауз.
Влатко не го заборави ниту Тоше Проески и му оддаде почит изведувајќи ја „Громови на душа“.
Бидејќи концертот се одржа на 8 Март, пејачот им го честиташе празникот на жените во салата, а на дел од нив им подели и црвени рози.