Чарна Невзати блесна на апсолвентската вечер со впечатлив и гламурозен изглед.
21-годишната убавица, која минатата година ја претставуваше нашата земја на изборот за Мис на светот во Индија, се појави во елегантна црна тоалета и измами многу комплименти.
Станува збор за креација составена од корсет со нежни чипкасти детали кој го истакна нејзиното деколте, комбиниран со раскошно здолниште со висок шлиц, кое дополнително ја нагласи нејзината убавина и женственост.
Со минималистички накит, ефектна шминка и брановидна фризура, Чарна уште еднаш покажа зошто важи за една од најубавите млади дами на домашната сцена.
Амбициозната девојка е при крај со своите студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а претходно, во разговор за Фемина, откри што ја мотивирало при изборот на оваа професија:
„Ме мотивираше разликата меѓу правото и правдата, тие не секогаш одат заедно. Сакам преку правото да ја доближам правдата до луѓето, за доброто на целото општество. Го сакам јавното говорење и секогаш сум имала потреба да застанам во одбрана на другите.“
Македонската мисица е вистински пример дека убавината и интелектот не само што се компатибилни, туку се и најмоќната комбинација.
„Титулата носи убави можности, но образованието ми е темел и секогаш останува на прво место“ – раскажа и додаде дека со добра организација и јасни приоритети успева да балансира меѓу овие два животни избори.