Новото истражување „Алатка, играчка или тројански коњ? Погледот на генерацијата Зет кон ВИ“ открива дека младите во Македонија ја прифаќаат вештачката интелигенција како секојдневна алатка, без да ја доживуваат како замена за човечката блискост и сопственото расудување.
Клучната вредност на ова истражување е што ВИ не се разгледува само како технолошки тренд, туку како централна културолошка тема – отворајќи прашања за довербата, човечноста, приватноста, автентичноста и иднината на комуникацијата со генерацијата Зет.
Резултатите покажуваат дека 72 отсто од младите користат ВИ најмалку неколку пати неделно, најчесто заради пребарување информации, учење, работа и креативни задачи. Сепак, и покрај честата употреба, ВИ не е нешто на кое целосно му веруваат – само една третина од нив изразуваат целосна доверба во ВИ, додека мнозинството ги проверува добиените информации, а 68 отсто веќе имале искуство со неточни или разочарувачки одговори.
Истражувањето открива и јасни знаци на дигитален замор: 67 отсто од младите би сакале луѓето да користат помалку технологија и повеќе да се дружат во живо, а повеќе од половината посакуваат да растеле во време без модерна технологија. Оваа генерација не ја оттурнува технологијата – таа се спротивставува на притисокот и дигиталниот замор што доаѓаат со неа. Оттука и заклучокот дека генерацијата Зет бара технологија што го олеснува, а не го оптоварува животот; што ја поддржува, а не ја заменува човечката блискост.
Иако ВИ сè повеќе навлегува во личниот и емотивниот простор, сепак, оваа генерација најчесто ја користи ВИ заради инспирација, креативност и решавање дилеми. Но, кога станува збор за навистина важни прашања – совет, доверба или проблем – луѓето и понатаму се главната поддршка. Ова јасно покажува дека генерацијата Зет ја прифаќа ВИ како дигитален асистент, но не и како замена за човечките односи.
Во однос на каналите за информирање, социјалните медиуми остануваат доминантни – 68 отсто од младите гледаат содржини преку Инстаграм, а 50 отсто преку ТикТок (Тик-ток), додека ВИ сè уште има ограничена улога. Сепак, 37 отсто од нив се одлучиле да купат некој производ врз основа на препорака од ВИ, што укажува дека нејзиното влијание е во пораст.
Истражувањето „Алатка, играчка или тројански коњ? Погледот на генерацијата Зет кон ВИ“ е реализирано од агенциите „Меккен“ (McCann) и „УМ“ (UM), членки на групацијата AMA, во февруари 2026 година и е спроведено во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и Бугарија, на репрезентативен примерок од 300 до 500 испитаници на возраст од 16 до 28 години.
Од добиените регионални податоци и од разговорите со млади од различна возраст, пол и социо-економски статус, со истражувањето се дава поширок увид во тоа како генерацијата Зет денес ја разбира, користи, па дури и ја преиспитува вештачката интелигенција, како и податокот зошто довербата станува едно од клучните прашања во дигиталната средина.