Фондот за здравствено осигурување на Македонија донесе одлука за намалување на цените на две клучни дијагностички услуги за рано откривање на рак на грлото на матката.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција извести:
„Едниот е Ликвид ПАП-тест, чија цена ја намалуваме од 2.200 денари на 1.250 денари. Намалувањето е над 40% и тоа истовремено е намалување на партиципацијата за корисничките од 250 на 150 денари.
Вториот тест е ХПВ генотипизацијата, чија цена се намалува од 5.500 денари на 3.310 денари, исто околу 40%, а партиципацијата се намалува од 550 на 350 денари.“
Клековски истакна:
„Целта е превентивните здравствени услуги да бидат подостапни за граѓаните. Со намалувањето на цените овозможуваме повеќе жени навреме да направат скрининг, бидејќи раното откривање спасува животи“.
Исто така, беше потенцирано сите жени на возраст од 21 до 59 години кои немаат направено ПАП тест во изминативе три години да бидат упатени од матичните гинеколози.
„Целта е да стигнеме до 140.000 ПАП тестови, а во моментот се прават од сите програми заедно околу 70.000 теста“ – рече тој.
Цената на стандардниот ПАП останува 600 денари.