„Езерото ми е во срцето“: Србин со видео од Охрид стана хит, има над 30 милиони прегледи на Instagram
Слободан Ѓорѓевиќ, познат како Брица, е човек кој навистина знае да ужива во животот, Охрид го посетува повеќе од две децении и раскажува дека езерото и градот одамна имаат посебно место во неговото срце.
Неговото видео, во кое директно од сместувањето, поминува улица и влегува во Охридското езеро, на Instagram собра над 30 милиони прегледи и над 1,4 милион лајкови.
„Драго ми е што придонесов за популаризацијата на Охридското Езеро. Прекрасно се чувствуваме и ги носиме пријателите тука“ - вели 67-годишниот белграѓанец за Фемина.
Видео
„Само малку е доволно за да бидете среќни⛱️😂😂😂🥃“ - порача тој во описот на виралното видео.
Иако го сака целиот охридски крај, особено драг му е манастирот Пречиста, а го врзуваат убави спомени и за Пештани и плажата Градиште.
Како човек кој бил возач на ветераните на српскиот фудбалски клуб „Црвена ѕвезда“, тој е и спортски врзан за македонскиот фудбал, па со радост ги споменува пријателите и луѓето кои ги запознал во земјава.
„Личен пријател сум со Панчев, Хаџиевски, Најдовски, Канатларовски, Сетинов, Бабунски...“ - открива Брица.
И додека неговите неколку секунди во Охридското Езеро продолжуваат да кружат низ социјалните мрежи, неговата порака е едноставна: ако само дел од оние кои го погледнале видеото решат да го посетат македонскиот бисер, езерото ќе добие нови гости, а тој ќе биде пресреќен што придонел во тоа.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk