„Избра да ја убиеш единствената мајка што ја имав“: Трогателни писма од мали девојчиња до нивниот татко кој им ја уби мајката
Потресни сцени од судница во САД го обиколија светот. Две девојчиња, на возраст од само 10 и 12 години, преку писма му се обратија на нивниот татко, кој беше осуден на доживотен затвор за убиството на нивната мајка.
„Избра да ја убиеш единствената мајка што ја имав“ - се вели во писмото на 12-годишната Алиса, чии зборови одекнаа во судницата.
Нивниот татко е 40-годишниот Кејлеб Флин, поранешен учесник во „American Idol“ и поранешен пастор, кој беше прогласен за виновен за убиството на неговата сопруга Ешли.
37-годишната мајка беше застрелана во семејниот дом во Охајо на 16 февруари, а нивните две ќерки биле во соседната соба, само неколку метри подалеку.
Кога во судницата се читаа писмата на Алиса и 10-годишната Ејва, Флин не можеше да ги задржи солзите. Снимката се прошири на социјалните мрежи.
Драг тато,
Не знам ни од каде да започнам. Како можеше да направиш такво нешто? Те гледав како пример, те сакав со целото свое срце, а потоа сфатив дека си ги лажел сите.
Мама беше совршена личност, апсолутно совршена. Што ти направи за да ја мразиш толку многу? Таа те сакаше, се грижеше за тебе, се грижеше за твоите потреби, те сакаше со целото свое срце. Таа ми беше најдобра пријателка, а потоа ти избра да ја убиеш единствената мајка која некогаш сум ја имала. Толку многу ми недостига, толку, толку, толку многу. Немаш поим колку.
Како можеше да ја изневеруваш и да бидеш со онаа ужасна девојка по име Елија? Никогаш не ја сакав. Таа беше само девојка која ставаше микрофон пред устата и изговараше зборови во ритам.
Мама можеби не беше професионална пејачка, но имаше глас како ангел и самата беше ангел. Таа била, е и секогаш ќе биде ангел.
И, тато, прељубата е голем грев, но сè уште постои можност за спас. Во животот секогаш постои избор. Сè што треба да направиш е да му кажеш на Бог дека ти е жал, да признаеш и да се покаеш пред Него. Ти ветувам дека тоа нема да ја отстрани казната која те очекува, но еден ден можеби ќе имаш вечен живот на небото.
Плачам и плачам секој ден и срцето ми се крши кога ги гледам луѓето кои ги сакам како страдаат. Гледав фотографии, снимки и видеа од тебе насекаде на YouTube. Срцето ме боли кога гледам дека страдаш. Но потоа си мислам дека тоа беше твој избор.
Твој избор беше да имаш афера. Твој избор беше да си заминеш со таа валкана девојка. Твој избор беше да ја оставиш совршената жена, Ешли. Твој избор беше да ги лажеш сите. Твој избор беше да ги оставиш своите две единствени ќерки. Твој избор беше да криеш сè од сите. И твој избор беше да ја убиеш единствената мајка која некогаш сум ја имала... – е дел од писмото на Ејва.
Пред судот беше прочитано и писмото на 12-годишната Алиса.
Драг Кејлеб,
Јас сум ќерка ти, Алисa. Те сакав длабоко, со целото свое срце, и тажно е што ти не можеш да сакаш никого освен себеси.
Посакувам да сфатиш дека постапките имаат последици и дека имаш многу за што да одговараш. Те молам, веќе им нанесе толку многу болка на твоето семејство и на светот. Најмалку што можеш да направиш е да им кажеш на сите дека ти си го направил тоа и да ја прифатиш последицата. Исто така, покај се пред Бог, оној што те создал. Твоето време сè уште не е завршено.
Дали воопшто помисли колку болка ќе им нанесеш на своите две ќерки? И, патем, Ешли Флин беше најдоброто нешто кое некогаш ти се случило. Го имаше најдобриот живот и реши да го фрлиш во вода поради девојка која е половина од твоите години.
Како можеше да стоиш во таа црква и да пееш за тоа колку го сакаш Бог, кога знаеше за сите тајни што ги криеше во себе, додека ги гледаше своите девојчиња како ти навиваат и те бодрат, а твојата сопруга, која толку многу веруваше во тебе и те сакаше повеќе од животот, стоеше покрај тебе?
Ти навистина не разбираш колку многу ми го повреди животот и посакувам да можеш да ја почувствуваш болката.
Поминав низ нешто толку трагично, а сознанието дека тоа го направил мојот татко беше едноставно шокантно.
Ме натера да се чувствувам како идиот затоа што мислев дека можам да ти верувам. Но Бог делува преку мене и јас се променив. Исто така, нашето семејство никогаш не било посилно. И низ сè што ни направи, Бог ќе направи нешто добро.
И, патем, не планирам да дојдам да те видам.
Алиса Флин
На судењето било откриено и дека Флин имал афера со 24-годишната Елија Ботнер, со која разменил илјадници пораки во месеците пред смртта на сопругата. Во дел од нив двајцата зборувале со омраза за Ешли, а обвинителството презентирало и пораки во кои Флин размислувал за начини како да ја убие.
По смртта на Ешли, девојчињата заминале да живеат со нивната тетка, која сега се грижи за нив. Во судницата било кажано дека девојчињата често го посетуваат гробот на мајка им, плачат и разговараат со неа.
И покрај тешката пресуда, Калеб Флин и натаму тврди дека не ја убил сопругата и најави дека ќе се бори за својата невиност преку жалба.
„Зборував со многу луѓе за многу работи во последните неколку години и за тоа жалам. Но, пред Бог, кој е мојот највисок судија, не лажам. Јас не ја убив мојата сопруга“ – изјави тој пред судот.
Судијката Жанин Прат при изрекувањето на максималната казна му порача дека последиците од неговите постапки засекогаш ќе ги носат неговите ќерки.
„Им зедовте нешто што никогаш не можат да го вратат – нивната мајка“ – му рекла таа. „Тие ќе живеат со лузните од она што го направивте до крајот на животот.“
Ботнер, со која Флин имал афера, не е обвинета за убиството.