„Еве го херојот од Водици“: Волонтер на Црвен Крст без размислување му помогна на момче кое се давеше во Вардар
Херојско дело на Водици покажува дека сите херои не носат наметка. Понекогаш, тие се обични луѓе кои живеат меѓу нас и подаваат рака кога тоа е најпотребно.
Таков херој е младиот Даниел Раевски, волонтер во Црвен Крст кој на Богојавление му помогна на момче кое се давело заглавено на јаже во надојдените води на реката Вардар. Момчето скокало по Светиот крст кога било повлечено од водата.
Даниел без размислување допливал до него и го отплеткал јажето за да може момчето да биде извлечено од спасувачите.
Атлетичарот Игор Јакимовски на Facebook раскажа за неговото херојско дело и сподели фотографии и видео од моментот.
„Последното момче буквално се давеше заглавено на јажињата и во последен момент го извадија тигрите и момците од Црвен Крст“ – напиша тој, а потоа сподели:
Најголемиот херој на Водици
Волонтерот од Црвен Крст кој без размислување заплива кон момчето кое беше заглавено на јажето со главата под вода.
Неговата брза реакција во студените и надојдени води, тоа што навремено доплива до момчето и клучниот момент што го отплетка од јажето беа вистинско херојство
Споделете да се знае кој е херојот и секако да се награди со орден – напиша Игор.
Откако момчето било пронајдено, Игор го објави на својот профил.
Еве го херојот од Водици 🙏
Даниел Раевски 🇲🇰
Волонтер на Црвен Крст 🙏
Браво јунаку наш и секоја чест 🙏❤️🙏 - напиша тој.
Во друга објава, Јакимовски сподели:
Централна манифестација Водици и најопасниот Вардар во досегашната четири децении традиција.
Нè чува Господ Бог, народот на брегот и стручните службени лица
Почит до сите што дадоа допринос за последното момче
Погледнете ја храброста и одлучноста.