„Едното другарче остана на земјата, другото стана ангел на небото“: Емотивно збогум со петтоодделенецот Ведран од Колешино
Основното општинско училиште „Видое Подгорец“ од Колешино со емотивна објава се збогуваше од својот ученик, петтоодделенецот Ведран, чиј живот прерано згасна.
Од училиштето споделија трогателна посвета во која зборуваат за празнината што ја остава неговото заминување – празното столче во училницата, недоиграните игри, детската смеа и едно „Добро утро“ кое повеќе нема да одекне во училишните ходници.
„Со длабока тага ја примивме веста за прераната смрт на нашиот ученик, петтоодделенецот Ведран.
Тешко е да се пронајдат зборови кога животот згаснува прерано, а зад себе остава толку многу неостварени соништа, недоиграни игри и спомени што засекогаш ќе останат врежани во срцата на оние што го познаваа.
Нашето училиште денес тагува. Зад училишните клупи ќе остане едно празно столче, училницата без неговите палавштини, училишниот ходник без неговото ,,Добро утро!" и без тивките чекори додека го носи торбичето со уредно спакуван појадок.
Во овие тешки мигови за сите, упатуваме искрено и длабоко сочувство до семејството, роднините и другарчињата на нашиот мал борец Ведран.
Нека споменот за него остане засекогаш жив, а неговите најблиски нека најдат сила да ја издржат оваа ненадоместлива загуба.
Почивај во мир! 🙏🕊“ – стои во објавата.
Иле Илиев сподели порака за другарството на неговиот син и Ведран која нема да ве остави рамнодушни.
„’Другарството не завршува со збогум. 💔 Едното другарче остана на земјата, другото стана ангел на небото. 🕊️ Но нивното другарство ќе живее вечно, во спомените и во срцето. 🤍’
почивај во мир Ведранче срце мило🙏“ – стои го описот на фотографија од другарчињата.