Една година по трагедијата: Гитаристот на ДНК првпат раскажа за пожарот во „Пулс“ и се сретна со докторите кои го лекуваа
Горан Тонев за првпат се отвори за ужасното искуство кое го имаше кога избувна пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и повторно се сретна со докторите од Солун кои се грижеа за него.
Една година по трагедијата која одзеде 63 животи, повредениот гитарист на ДНК раскажа за моментот кога излегол од дискотеката и за долгиот процес на лекување во Солун. 25-годишниот музичар бил во вештачка кома речиси еден месец за време пред да добие шанса да се врати дома.
„Јас сум Горан Тонев. Имам 25 години и сум од Штип. На кобната вечер настапував со ДНК како нивен гитарист. Се случи тоа што се случи. Некако излегов со многу повреди и мислев дека го губам мојот живот.“
„Ми пријде една девојка, која после многу време дознав која е и ја знам, по име Моли. Таа со нејзината мајка со приватно возило ме однесоа во болницата во Кочани“ – рече Тонев.
Горан бил пренесен најпрво во Скопје, па во болницата „Папа Николаос“ во Солун, каде медицинските лица за него се грижеле со огромна љубов и внимание.
Сега, една година по пожарот, Горан доби можност повторно да се сретне со докторите и персоналот кои му го спасија животот.
„Постојат луѓе кои никогаш не ги забораваш. Денес имав чест повторно да се сретнам со персоналот од Papanikolau Hospital во Солун – луѓето кои беа покрај мене во најтешките мигови од животот. Благодарност од срце“ – напиша тој на Instagram.
„Никогаш нема да ги заборавам луѓето кои биле покрај мене кога ми беше најтешко. Денес повторно се сретнав со дел од прекрасниот персонал од Papanikolaou Hospital. Мојата благодарност кон нив е бескрајна“ – стои во неговата објава на Facebook.
Тонев сподели фотографија со персоналот во болницата и по неговото излегување од неа во мај минатата година.
Му благодарам на Бога што ми даде втора шанса, му благодарам на целиот персонал од болницата „Папаниколау“ - Солун за неизмерната грижа и нега која ми ја пружија. Исто така сакам да се заблагодарам и на персоналот во Кочани и Скопје. Голема благодарност за сите мои роднини и пријатели коишто се молеа за мене Моите чувства се измешани, колкушто сум среќен толку сум и тажен за загубата на сите деца, а посебно за моите драги колеги и другари Сочувство за сите фамилии – напиша тогаш тој.