„Ѕвездена ноќ“ на Ван Гог како спектакуларен фустан: Креацијата која беше магнет за погледи на балот на Vogue Arabia
Модно ремек-дело блесна на црвениот тепих во Дубаи. Аза Слимен привлече огромно внимание со впечатлив фустан инспириран од популарната слика „Ѕвездена ноќ“ на Винсент ван Гог.
Туниската манекенка и актерка зачекори во несекојдневната креација на првиот бал на Vogue Arabia, кој се одржа во луксузниот хотел „Delano Dubai“ и беше посветен на спојот на модата и уметноста.
Колоритната креација доаѓа од ателјето на либанскиот дизајнер Рами Кади, кој специјално за Слимен создаде фустан којшто го преточува препознатливото дело на Ван Гог во висока мода.
Фустанот со сирена-силуета е прекриен со стотици тридимензионални детали, рачно поставени за да ги доловат вртложните потези на четката на славниот холандски сликар. Нијансите на кралско сина, тиркизна, светлосина и жолта се испреплетуваат во мозаични шари, создавајќи впечаток дека прочуената слика оживеала на фустанот.
„Она што ме привлече кај ‘Ѕвездената ноќ’ беше движењето на потезите на четката на Ван Гог. Сакав да го преточам во висока мода преку поскулптурален пристап кон везот. Ми беше важно фустанот да изгледа како продолжение на уметничкото дело, а не само како негова репродукција“ – објасни дизајнерот.
Слимен беше една од домаќинките на првото издание на Vogue Arabia Ball: Art Edition, кое собра познати имиња од светот на модата, уметноста, музиката и културата.
Настанот беше посветен на креативноста низ женска перспектива, а во центарот на вниманието беа и делата на уметниците Дабија Ал Кубаиси и Шеика Ал Мазру.