Доналд и Меланија Трамп пречекаа маскирани дечиња пред Белата куќа за Халовин, им поделија колачиња
Доналд и Меланија Трамп ја продолжија традицијата на прославување на Халовин во Белата куќа, каде вчера пречекаа илјадници маскирани дечиња и им поделија слатки.
Јужниот тревник на претседателската резиденција беше исполнет со најразлични костими, насмевки и празнична атмосфера. Според американските медиуми, на настанот присуствувале околу 6.000 гости, а најмалите добивале големи чоколади од претседателот и првата дама на САД.
Доналд и Меланија не носеа маски, но со насмевки ги пречекуваа децата, разговараа со нивните родители и позираа за фотографии. Меѓу малите гости имаше деца маскирани како Барби, Бетмен, Тигар, но и како американски претседатели и основачи на државата.
Белата куќа беше украсена со тикви, есенски плодови и голема светлечка месечина, на која се проектираа силуети на лилјаци. За празничната атмосфера се погрижи и музички состав на американските воздухопловни сили, кој изведуваше познати мелодии за Халовин.