Домат, сиренце и паштета на плажа се „сељачизам“, а јастог е романтика? Искрен текст за двојните стандарди на одмор
Додека социјалните мрежи упорно ни сервираат совршени летни кадри од школки и шампањ на лежалка покрај море, реалноста, особено кога сте растрчани со деца и торби полни со илјада реквизити, често е многу поразлична и мириса на лепче со сиренце и домат.
Битолчанецот Дуле Груевски ја начна темата за оброците на плажа со директна објава која ги таргетира двојните стандарди и потценувачките коментари за време на летните одмори.
На плажа, две семејства со дечињата седнуваат на крпи да јадат она што вообичаено го јадат и дома: лебче, доматче, сиренце, па и паштетче, оти децата тоа сакаат да јадат, а родителите се среќни што не мора да ги молат за јадење, оти дечињата им јадат затоа што се блиску до водата и ќе можат повторно да влезат на капење, често како награда дека јадат...
Арно ама СРАМОТА БИЛО И СО ПОТСМЕВ ГИ ПРЕЗИРАТЕ...
На друга плажа исто така луѓе, ама тие јадат делови од јастог или школки и пијат шампањ или некоја друга освежителна пијачка, е нив им се восхитуваат истите оние кои им се потсмеваат на овие првите, иако и сами како потсмевачи имаат иста палета на прехрамбени производи со нив...
Едните ширеле сељачизам, а другите романтика...
Значи вие не сте се потсмевале на тоа што некои јадат на плажа, туку потсмевот ви е за тоа каква храна јадат на плажа...!!!
Сте биле со деца на плажа??
Сте носеле 1000 реквизити на плажа???
Сте живееле ли барем еден ден растеретени од тоа што ќе речат другите за вас???
Или практикувате да влегувате во филм, иако и сами се враќате во изнајмените минијатурни соби и пржите јајца со пиперки и доматче и јадите исто што и повеќето од нас, оти тоа е нашата кујна, а и некои тешко можат да си приуштат нешто плус...!?
Само што потсмевот и омаловажувањето изгледа ви се единствената особина која ја имате...
Јаделе на плажа домат и сиренце...!!!
Јадат бате, оти можеби не можат по 2-3 пати да се враќаат в соба, па назад, а и веројатно не можат да си дозволат цел одмор храна во ресторан...
Вие кога ќе влезете во ресторан во Битола, бифтек јадите секогаш...?
Најскапото или најсоодветното на вашиот вкус, навики, а и буџет...!?
Мислам дека е време да се престане со тоа кој што јаде и пие, како е облечен и каква кола вози...
Не за друго, туку затоа што е тоа крајно недолично и безобразно...
Ама едно е добро да се знае:
Луѓето кои го анализираат и критикуваат животот на другите, најчесто немаат свој живот или длабоко во себе си го презираат, па немајќи решение за својот очај, бараат недостатоци кај другите, за да имаат утеха за себе...
Уживајте во својот живот, а ако не ви се допаѓа, МЕНУВАЈТЕ НЕШТО...