„Докторот ме спаси од ампутација на ногата“: Линдзи Вон со солзи во очите раскажа за петте операции по падот на ЗОИ
Линдзи Вон со солзи во очите зборуваше за тешката борба низ која минува по страшниот пад на Зимските олимписки игри, откривајќи дека докторот едвај ѝ ја спасил ногата од ампутација.
41-годишната олимписка шампионка доживеа сериозна повреда за време на спустот, по што итно беше пренесена во болница во Италија. Вон таму помина низ четири операции, пред да има и петта хируршка интервенција по враќањето во САД.
Во најновата Instagram објава, скијачката откри дека конечно излезе од болница, но дека пред неа е тежок пат до закрепнување.
„Конечно сум надвор од болница! По речиси две недели лежење во болнички кревет, речиси целосно неподвижна, конечно сум доволно добро за да се префрлам во хотел. Сè уште не сум дома, но ова е огромен чекор напред“ – напиша таа.
Вон појасни дека повредата на ногата била исклучително комплексна, пред сè поради тоа што имала компартмент синдром, состојба којашто може да доведе до трајно оштетување на мускулите и нервите, па дури и до ампутација. Токму брзата реакција на докторот Том Хакет ѝ ја спасила ногата.
„Докторот ми ја спаси ногата за да не ми биде ампутирана... Тој ме спаси.“
„Во моментот сум во инвалидска количка, прилично неподвижна. Некое време ќе бидам со количка затоа што го скршив и десниот глужд“ – рече и додаде дека пред неа е долг пат.
Вон најави дека во следните недели ќе се обиде да премине на патерици. Рехабилитацијата ќе биде долга и лекарите проценуваат дека ќе треба да помине околу една година за целосно заздравување на коските.
„Сега ќе се фокусирам на рехабилитација и на тоа од инвалидска количка да преминам на патерици во следните неколку недели. Ќе биде потребна околу една година за коските целосно да заздрават...“ - рече таа.
Одлуката на Линдзи да настапи во спуст и покрај скинатите лигаменти ѝ донесе огромна поддршка од јавноста, а многумина ја прогласија за вистинска спортска инспирација.
За жал, нејзината приказна немаше среќен крај, но таа вели дека не жали за ништо и дека: „Животот е премногу краток за да не си дадете шанса. Затоа што единствениот вистински неуспех во животот е да не се обидете“.