Добро дело: Учителка го изненади поранешниот ученик кажувајќи му дека ќе му донира црн дроб
Учителка од градинка во Њујорк изненади свој поранешен ученик со хуман гест кој ќе го памети цел живот.
Кариса Фишер го посети 5-годишниот Езра во неговиот дом за да му соопшти дека ќе му донира дел од својот црн дроб.
Таа се појави пред домот на Езра со натпис: „Еј Езра, дали сакаш да го делиме мојот црн дроб? Избери Да или НЕ“.
Мајката на Езра, Керен, не можеше да поверува на прекрасната вест.
Видео:
Информацијата дека на Езра му е потребна трансплантација, Кариса ја дознала преку објавата на мајката Керен на социјалните мрежи. Без двоумење таа решила да му помогне на поранешниот ученик.
По направените испитувања, било утврдено дека Кариса е соодветен донор за Езра.
„Немаше премислување. Веднаш реков: ‘ОК, морам да го направам ова. Морам да го направам ова’. Не можам да седам и да гледам 5-годишно дете да не може да ги прави нештата кои ги прават останатите 5-годишници. Би го направила истото за кое било друго дете“ – изјавила Кариса.
Керен и нејзиниот сопруг го згрижиле Езра во 2022 година, а успеале да го посвојат во јули истата година. Уште тогаш, Езра имал здравствени проблеми. Оштетениот црн дроб му влијаел на нивото на енергија и на спиењето.
Според изјавата на Фишер, докторите ќе отстранат 30% од нејзиниот црн дроб и ќе му го трансплантираат на Езра, со што ќе го заменат неговиот оштетен орган.
Се очекува и двата нивни органи да се регенерираат и добро да функционираат.
Керен и нејзиниот сопруг имаат осум биолошки деца и едно посвоено.
