Длабок поклон за херојот чиј живот згасна: Медицински тим од Скопје се збогува со починат органодарител
Потребна е натчовечка сила и огромно срце за да помислиш на туѓата среќа во моментите кога го губиш најмилото. Едно македонско семејство го направи токму тоа. Во мигови на незамислива тага по загубата на ближниот, тоа избра да подари живот.
Возвишениот чин на човечност длабоко ја допре македонската јавност, особено по трогателната фотографија која ја сподели Министерството за здравство. На неа, медицинскиот тим со безгласен и достоинствен поклон му оддаде последна почит на починатиот органодарител.
Со длабока почит кон починатиот органодарител и со искрена благодарност до неговото семејство, медицинскиот тим оддаде чест на една од најхуманите одлуки што може да се донесе во миг исполнет со најдлабока болка и тага.
Во овие моменти, хуманоста на едно семејство и посветеноста на здравствените работници отвораат можности за нова надеж и нов живот, вели проф.д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Министерството за здравство изразува најдлабока благодарност до семејството на дарителот и признание до сите медицински тимови вклучени во овој сложен и благороден процес, истакнува министерот за здравство Азир Алиу.
Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!
Пред неколку часа, од Министерството информираа дека срцето од починатиот дарител било трансплантирано и продолжи да чука во друго тело. „Првото отчукување на трансплантираното срце - животот повторно избра да продолжи!“ - стои во објавата.