„Дишам“ – новата песна на ДААН инспирирана од моментите на колективна тага и тишина која настана по трагичниот настан во Кочани
Македонскиот автор и артист Дарко Андонов – ДААН ни ја претставува својата најнова авторска песна „Дишам“, емотивна композиција која зборува за човечката ранливост, тишината што останува по загубата и потребата повторно да се пронајде светлина.
Песната е авторско дело на Андонов, кој стои зад музиката и текстот, додека аранжманот, миксот и мастерингот ги потпишува Кире Јакимов.
„Дишам“ е модерна, драматична поп-композиција со силна емоционална атмосфера, во која музиката и текстот создаваат простор за размислување за животот, спомените и човечката поврзаност.
„Песната настана во периодот кој следуваше по огромната трагедија во Кочани кога чувствував дека околу нас има огромна колективна тага и тишина, многу прашања и многу неизговорени емоции. Се бидов тоа чувство да го преточам во музика“, вели Андонов.
За песната е подготвено и визуелно видео, кое Андонов го реализирал сам со помош на современи AI алатки, создавајќи атмосфера која ја следи емотивната линија на композицијата.
„Оваа песна ја посветувам на сите „Ангели“ кои прерано нè напуштија и на нивните најблиски како и на оние кои сè уште се борат и пробуваат да 'Дишат' нормално иако е тешко“ - пренесува Дарко.