„Дијабетесот не е од благо, Андреј ги заслужува сите детски радости“: Мајка од Кавадарци за дијагнозата на синчето
Розалиа Митрев го сподели секојдневието со синчето кое има дијабетес тип 1.
Мејкап артистката од Кавадарци објави фотографии на социјалните мрежи со осумгодишниот Андреј и раскажа како изгледаат деновите откако на пет години му било дијагностицирано хроничното автоимуно заболување.
„Ноември е месец на подигнување на свеста за дијабетесот. А за нас, ова не е само уште еден месец во календарот. ❤️
Долго размислував дали и како да зборувам за ова. Можеби затоа што некои работи најтешко се споделуваат токму кога стануваат дел од твоето секојдневие.
Откако Андреј доби дијабетес тип 1, многу нешта се променија. Не само во неговиот живот, туку и во животот на целото наше семејство.
Деновите добија нов ритам. Секој оброк бара планирање, секоја активност носи дополнителна грижа, а секојдневието стана исполнето со мерења, броеви, пресметки и постојана будност.
Научивме работи за кои никогаш не помислувавме дека ќе треба да ги знаеме. Научивме дека зад еден навидум обичен ден понекогаш стои многу труд, грижа и внимание што никој не ги гледа.
Но најважно од сè, научивме дека дијабетесот е дел од нашиот живот, но не е целиот негов живот.
Андреј е дете. Дете кое сака да игра, да трча, да се смее, да оди на училиште и да ужива во детството. И пред сè, заслужува да го живее токму така, со сите детски радости.
Ова е првпат јавно да зборувам за нашата приказна. Не затоа што сакам сожалување, туку затоа што сакам повеќе разбирање, свесност и знаење.
Дијабетес тип 1 не е избор, не е последица од јадење благо и не е нешто што поминува. Тоа е состојба со која се живее секој ден.
А зад секое дете со дијабетес стои едно семејство кое секојдневно учи, се приспособува, се грижи и дава сè од себе.
За Андреј. За сите дечиња кои живеат со дијабетес тип 1. И за сите оние кои треба малку повеќе да разберат. ❤️“ - напиша мајката.
Дијабетесот тип 1 е хронично автоимуно заболување при кое имунолошкиот систем ги уништува клетките во панкреасот кои произведуваат инсулин, поради што телото не може самостојно да го регулира нивото на шеќер во крвта. Најчесто се појавува во детството и младоста, а лицата со оваа дијагноза мора доживотно да примаат инсулин.