• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Дете

„Дете без граници е како река без корито“: Наде Молеровиќ за родителството и авторитетот на наставникот

20 мај 2026, 19:00
  • cподели
Наде Молеровиќ

По повеќе од четири децении поминати меѓу училниците, дневниците, учениците и родителите, таа денес е глас кој на социјалните мрежи отвора важни теми за образованието и воспитувањето на децата. На свои 68 години, Наде Молеровиќ зборува како поранешна професорка по историја и директорка на две основни училишта, но и како жена која внимателно ги следела промените на генерациите, од времето кога наставникот бил недопирлив авторитет, до денес, кога децата бараат разбирање, искреност и човечност.

Истовремено е автор, мотивациски говорник, тренер за наставници и директори, но и уметница која создава невронаучна уметност, спојувајќи ги образованието, психологијата и свеста во една животна мисија. Нејзините објави редовно отвораат дебати за модерното родителство, односот меѓу наставниците и учениците, булингот, границите и кризата на авторитетот, а нејзината цел, како што и самата вели, е „револуција на свеста“.

Во интервју за Фемина, Молеровиќ говори без „влакна на јазикот“ за тоа како се смениле децата низ годините, зошто денешните родители често создаваат деца без граници, дали социјалните мрежи го урнаа авторитетот на наставникот и зошто, според неа, најголемата грешка е кога родителот постојано го бара виновникот во сите други, освен во сопственото дете.

Наде Молеровиќ

Од аспект на поранешна наставничка и директорка, како го гледате односот наставник-ученик денес, во споредба со порано? Кои се најголемите промени кои ги забележувате во однесувањето и вредностите на учениците низ годините?

Кога ќе погледнам назад во моите години поминати во училницата и во директорската канцеларија, гледам две потполно различни парадигми.

Порано наставникот беше недопирлив авторитет и тоа создаваше послушни деца, но ја потиснуваше автентичноста

Некогаш, односот беше базиран на форма и дистанца. Немаше блискост со наставниците. Порано, односот наставник-ученик беше дефиниран со хиерархија. Наставникот беше недопирлив авторитет, фигура која носи знаење и ред. Тоа функционираше затоа што целото општество беше поставено така – се почитуваше институцијата, а не секогаш личноста зад неа. Учениците знаеја каде е границата, затоа што стравот од авторитетот (и дома и на училиште) беше примарна алатка за воспитување. Тоа создаваше послушни деца, но честопати ги потиснуваше нивната автентичност и критичко размислување.

Денес, таа вештачка дистанца е срушена. Децата кои доаѓаат денес се со „повисока фреквенција“ – тие се „дигитални номади“ на духот, кои не прифаќаат авторитет само затоа што некој има титула или години. За нив, наставникот веќе не е единствениот извор на информации („Гугл“ е побрз), па затоа наставникот мора да стане извор на инспирација, водич, будилник на свеста на учениците во процесот на откривање: „Кој сум јас? Што сакам да бидам? Како да го постигнам тоа?“

Денес ученикот во наставникот бара човек, а не робот кој предава лекција

Зошто се промени овој однос? Промената не дојде само од технологијата, туку од колективната промена на свеста. Стариот модел на контрола веќе не „држи вода“. Денес ученикот во наставникот бара човек, а не робот кој предава лекција. Денес, ако не се поврзете со детето на ниво на срце и емоција, вие го губите неговото внимание за три секунди.

Мојот став: Оваа промена е добра, иако е болна за системот. Нѐ тера да бидеме подобри луѓе. Порано наставникот беше господар на училницата, а денес треба да биде водач. Ако некогаш дисциплината доаѓаше од надвор, денес мора да ја градиме кај децата одвнатре, преку свесност и разбирање.

Наде Молеровиќ

Се изгуби ли авторитетот на наставникот, и ако да, кој најмногу придонесе за тоа? Колку сметате дека социјалните мрежи го „урнаа“ односот ученик-наставник? Дали ако наставниците се „пријатели“ со своите ученици на „Фејсбук“, така го губат својот авторитет?

Авторитетот се заслужува секоја минута, со секој збор и со секоја постапка

Авторитетот не се изгуби, тој само ја соблече својата униформа. Она што се изгуби е илузијата на авторитет. Нашиот мозок е програмиран да се поклонува на некој кој има моќ. Детето мораше да го слуша наставникот, не поради тоа што го инспирираше или разбираше наставникот, туку поради тоа што наставникот стоеше позади катедрата. Порано наставникот беше авторитет „по дефиниција“ – затоа што е наставник. Денес, авторитетот се заслужува секоја минута, со секој збор и со секоја постапка! Секој наставник лично е одговорен за сопствениот авторитет.

Кој придонесе за падот на стариот авторитет? Сите ние. Системот кој остана заглавен во минатиот век, додека децата се веќе во иднината. Социјалните мрежи не го „урнаа“ авторитетот, тие само ја демистифицираа фигурата на наставникот. Кога ученикот ќе ве види на „Фејсбук“ или „Инстаграм“, тој гледа човек од крв и месо.

Многумина ме прашуваат: „Дали наставниците кои се пријатели со своите ученици на мрежите го губат својот авторитет?“ Мојот одговор е – НЕ. Авторитетот не се гради со дистанца, туку со интегритет. Ако сте автентични во училницата и автентични на мрежите, ученикот ќе ве почитува уште повеќе. Ако се плашите дека ученикот ќе види нешто што не треба, тогаш проблемот не е во мрежите, туку во вашата маска. Границата не е во „аднувањето“, туку во енергијата што ја емитувате. Вистинскиот лидер нема страв да биде виден.

Наде Молеровиќ

Родителите денес се сѐ повеќе заштитнички настроени кон своите најмили. Дали тоа им помага или им штети на децата?

Сакајќи да им ги олеснат животите на децата, родителите ги инвалидизираат емоционално

Ова е најголемиот парадокс на денешното време. Сакајќи да им ги олеснат животите на своите деца, родителите всушност ги инвалидизираат емоционално.

Денешното родителство е често „хеликоптер-родителство“ – постојано надлетување и чистење на секоја пречка.

Каде најчесто грешат родителите во воспитувањето (што прават, а никако не би требало)?

Најголема грешка е што родителите сакаат среќни, наместо издржливи деца

Најголемата грешка? Што родителите сакаат нивните деца да бидат среќни, наместо да бидат издржливи. Кога му ја тргате секоја пречка на патот на детето, вие му праќате потсвесна порака: „Ти не си способен сам да се справиш со ова“.

Границите не се затвор, тие се патоказ

Модерното родителство, за жал, често создава деца без граници. А дете без граници е дете кое внатрешно се чувствува несигурно. Границите не се затвор, тие се патоказ. Кога родителите ги гледаат проблемите во сите други (наставникот, системот, другарчето), а не во однесувањето на своето дете, тие му ја крадат на сопственото дете можноста да научи што е одговорност. Наместо самоуверени луѓе, добиваме деца со кревко его кои се кршат при првиот посериозен животен предизвик.

На децата им требаат родители кои поставуваат граници со љубов, а не со страв.

На денешните деца не им требаат совршени родители, не постојат такви, ним им требаат присутни и автентични родители, кои тоа што го бараат од децата самите го демонстрираат со своето зборување и однесување. Им треба родител кој работи на себе, кој ги познава своите карактерни особини и кој не се плаши да каже: „Извини, згрешив, и јас учам”! Им требаат родители кои поставуваат граници со љубов, а не со страв.

Најголемата грешка на модерното родителство е стравот. Родителите денес се плашат од сè: од тоа детето да не се повреди, да не плаче, да не биде разочарано, па дури и од тоа детето да не им се налути. И токму тука почнуваат трите клучни грешки:

1. Чистење на патот, наместо подготовка за патот

Родителите денес се однесуваат како „булдожери“ – се трудат да ја тргнат секоја пречка пред детето. Ако детето има слаба оценка, виновен е наставникот. Ако се скара со другарче, виновно е другото дете. Зошто е ова грешка? Затоа што му ја одземате на детето неговата лична моќ. Детето на кое сè му е средено, никогаш не ја развива способноста за решавање проблеми. Кога таквото дете ќе се соочи со реалниот свет, каде што вие не сте таму да го одбраните, тоа се крши. Вие не создавате среќно дете, туку емоционален инвалид кој не знае да каже „јас можам“.

2. Замена на присутноста со подароци и технологија е најчестата грешка

Детето нема потреба од најновиот модел на телефон за да се чувствува сакано

Живееме во време на брзина, па родителите често ја компензираат својата зафатеност (и грижа на совест) со материјални работи. Зошто е ова грешка? Детето нема потреба од најновиот модел на телефон за да се чувствува сакано – му треба вашата присутност и внимание. Кога ќе му го дадете екранот во рака само за да „биде мирно“, вие всушност ја прекинувате енергетската врска со него. Таа празнина подоцна не се пополнува со ништо друго освен со деструктивно однесување или зависност од туѓо мислење на социјалните мрежи.

3. Недостиг на граници во име на „демократија“ е карактеристика на современото родителство

Дете без граници е како река без корито

Постои една голема заблуда дека ако му поставите граница на детето, му ја кратите слободата. Зошто е ова грешка? Дете без граници е како река без корито – таа се излева и станува деструктивна.

Границите му даваат на детето чувство на безбедност. Кога детето знае што е „не“, тоа учи дека светот има правила. Модерното родителство често создава деца кои не знаат за „стоп“, а тоа подоцна во училницата се рефлектира како непочитување на наставникот и врсниците.

Што никако не би требало да прават?

Никако не го бранете детето пред него кога згрешило

Никако не го бранете детето пред него кога згрешило. Ако детето направило прекршок во училиште, а вие го напаѓате наставникот пред него, вие сте му ја „исекле ногата“ на сопственото дете. Сте го научиле дека манипулацијата е пат до успехот. Никако не ја преземајте неговата одговорност. Ако заборавило домашна работа, нека оди без неа. Ако не научило, нека добие слаба оценка. Тоа е најдобрата лекција што може да ја научи – лекцијата за причина и последица.

Наде Молеровиќ

Дали модерното родителство создава самоуверени деца или деца без граници?

Бидете им родители, а не пријатели на вашите деца. Пријатели ќе си најдат на нивна возраст

За жал, почесто го гледаме второто. Постои огромна разлика меѓу здрава самодоверба (која доаѓа од совладување вештини и соочување со тешкотии) и нарцизам (кој доаѓа од постојано фалење без основа). Детето кое мисли дека е центар на светот и дека секоја желба мора да му биде исполнета веднаш, не е самоуверено – тоа е фрагилно. Вистинската самодоверба вели: „Јас згрешив, но знам како да поправам“. Децата без граници велат: „Јас никогаш не грешам, вие сте виновни“.

Мојот совет до родителите: Бидете им родители, а не пријатели на вашите деца. Пријатели ќе си најдат на нивна возраст. Од вас им треба водич, столб и граница. Дури тогаш, кога ќе излезат од дома, ќе можат цврсто да стојат на свои нозе во овој свет што постојано се менува.

Имаме сè повеќе случаи на булинг меѓу учениците. Дали сметате дека проблемот расте или само станува повидлив? Каква беше праксата порано, дали имаше булинг, но се решаваше поинаку, или пак се премолчуваше?

Булингот не е „модерен изум“, но денес е во многу поопасна форма

Вистината е дека булингот не е „модерен изум“, но денес е во многу поопасна форма. Порано, насилството најчесто беше физичко или вербално и се случуваше во училишниот двор. Кога детето ќе затвореше вратата од својот дом, тоа беше на безбедно. Честопати се премолчуваше, се сметаше за „дел од растењето“ или „челичење на карактерот“. Тоа беше погрешно, бидејќи многу трауми останаа закопани под тој килим на молчење.

Социјалните мрежи го направија насилството бескрајно – детето е малтретирано и во својата соба

Денес, булингот е перфиден и деноноќен. Социјалните мрежи го направија насилството бескрајно – детето е малтретирано и во својата соба, пред екранот. Проблемот не е само што е повидлив, туку што е поинтензивен. Живееме во време на ниска емпатија каде што екранот служи како штит за суровоста. Како некој кој постојано зборува за свеста, ќе кажам: булингот денес е огледало на празнината во домовите и на хаосот во душите на возрасните кој се прелева кај децата.

Наде Молеровиќ

Дали наставниците денес имаат доволно авторитет и поддршка за да се справат со булингот?

Кога наставникот ќе укаже на проблем, тоа не е напад, туку повик за сојузништво

Тука лежи најголемата рана на образованието. Наставникот денес е често оставен сам на ветрометина. Кога јас бев директорка, знаевме дека без соработка со родителот, ние сме немоќни.

Денес, наставниците се плашат да преземат построги мерки, бидејќи веднаш се соочуваат со закани од родители или притисоци од системот. За да се справите со булингот, не ви треба само „закон“, ви треба поддршка од заедницата. Наставникот не може да го воспитува детето, ако родителот дома го девалвира неговиот авторитет. Кога наставникот ќе укаже на проблем, тоа не е напад врз семејството, туку повик за сојузништво. Без тоа сојузништво, наставникот е само набљудувач на една тажна реалност.

Што би им порачале на родителите кои секогаш го гледаат проблемот во останатите, а не во своето дете?

Кога го браните вашето дете по секоја цена, вие му ја правите најголемата можна штета

Мојата порака е кратка и силна: Вашето дете е вашето најголемо огледало. Ако вашето дете е агресивно, тоа не е затоа што е „лошо“, туку затоа што преку тоа однесување исфрла нешто што го гледа или го чувствува во својата околина. Кога го браните вашето дете по секоја цена, дури и кога е очигледно дека повредило друго битие, вие му ја правите најголемата можна штета. Го учите дека е над законот, дека емпатијата е слабост и дека секогаш некој друг ќе му ги чисти грешките. Со тоа не создавате лидер, туку човек кој утре ќе биде несреќен и во работата и во бракот. Бидете храбри родители – соочете се со грешките на вашето дете, за да не мора животот подоцна грубо да го соочува со нив.

Наде Молеровиќ

Какви совети би им дале на младите наставници за да изградат здрав и почитуван однос со учениците во денешно време?

Драги млади колеги, вие влегувате во училница во време на голема трансформација. Моите совети до вас се:

  1. Слезете од „тронот“ на знаењето и бидете ментори. Учениците не бараат од вас да бидете безгрешни, бараат да бидете луѓе. Признајте кога грешите, бидете автентични.
  2. Гледајте го детето, а не само оценката. Секое дете има своја приказна и своја болка. Кога ќе воспоставите емоционална врска, дисциплината доаѓа сама по себе.
  3. Поставете граници со љубов, а не со строгост. Границите се безбедност. Децата ги почитуваат оние кои знаат да кажат „не“ со почит и со аргумент. Бидете светлина во нивниот тунел. Ова не е само работа, ова е мисија на будење. Ако успеете да допрете до едно срце, вие веќе сте го смениле светот.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Наде Молеровиќ
воспитување
булинг

Најнови

  • Наде Молеровиќ

    „Дете без граници е како река без корито“: Наде Молеровиќ за родителството и авторитетот на наставникот

    Wed, 05/20/2026 - 19:00
  • „Во сите интервенции сум бил храбар, оваа ми е најважната“: Пожарникар од Скопје ја запроси саканата на Денот на пожарникарите

    Wed, 05/20/2026 - 14:14
  • Nera кафе

    NERA CAFFÈ, секогаш во чекор со тебе

    Wed, 05/20/2026 - 13:35
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.