„Децата се следниот чекор... Живееме нормален живот“: Столе Димитриевски со сопругата Ирина за животот во Валенсија
Столе Димитриевски беше првиот гостин во новата сезона на „Лазаров подкаст“.
Македонскиот репрезентативен голман го угости тимот на Стефан со неколкудневен престој во Валенсија, во период кога неговиот тим имаше и натпревар против Барселона.
Брачната двојка веќе три години живее во нивна сопствена куќа, недалеку од Валенсија. Столе откри дека Ирина го креирала домот во Шпанија и ја презела цела одговорност, па за нив создала едно скромно и комотно катче со дух.
Јас секогаш викав дека нема промена од врска во брак, зошто тие се вредностите што треба да бидат и во врска и во брак, но сепак морам да кажам дека тоа што го тврдеше Ирина, дека дојде до израз, дека бракот е малку посериозна работа и поголема е вредноста и е светост да бидеш во брак.
Од аспект на обврски нема голема промена... Кој е шефот зависи за кои одлуки... - раскажа Столе за животот после бракот и откри дека планираат проширување на семејството.
После свадбата нормално дека децата се следниот чекор... Имаме фамилија, ни зборат: „Да те фати мајата“... сѐ по некој традиционален ред, но и наш некој ред којшто сме го замислиле – додаде тој.
Токму на мечот против Барселона, Лазаров разговараше и со сопругата на Димитриевски, Ирина, за ритуалите кои ги имаат пред натпреварите.
Столе има голем притисок, неговата позиција е таква... Знаеме да си пишеме, ама тоа е секогаш многу кратко, затоа што Столе влегува во свој филм пред утакмица е многу фокусиран, така што обично тоа е многу кратка порака чисто да му посакам среќа, ама ништо долго... - срамежливо одговори скопјанката која откри дека ова е нејзино прво појавување пред камера.
Таа се согласи и со паролата дека зад секој успешен маж, стои успешна жена.
Успеваме да го тргнеме фудбалот настрана од приватниот живот. Имаме многу нормален живот... – додаде Ирина.
Столе ја запроси Ирина во август минатата година, а во ноември склучија граѓански брак во Валенсија. Летово направија црковна церемонија и прослава во Скопје, а потоа беа на романтичен меден месец во Италија.
Целиот подкаст погледнете го тука: