Давос: Македонка модерираше панел со ко-основачот на Тетрис и генералниот секретар на Интерпарламентарната Унија
Владини лидери, шефови на држави и бизнисмени од целиот свет деновиве присуствуваат во Давос. Додека трае Светскиот економски форум, во луксузна алпска оаза се одржа и панелот „Геополитика и моќ: Жени на чело на глобалното влијание“.
Михаела Ѓорчева, заменик претседател на Управен одбор на Меѓународен Славјански Универзитет и основач на Киноверзум, ја модерираше дискусијата на која зборуваа ко-основачот на компанијата Тетрис, Хенк Роџерс и генералниот секретар на Интерпарламентарната Унија, господинот Мартин Чунгонг.
Панелот беше посветен на улогата на жените во современата геополитика, технолошкото влијание и глобалното донесување одлуки. Како модератор, Ѓорчева со панелистите водеше стратешки разговор за трансформацијата на моќта, одговорното лидерство и застапеноста на жените на раководни позиции.
Генералниот секретар на Интерпарламентарната Унија, Мартин Чунгонг, говореше за улогата и застапеноста на жените во парламентите и демократските институции како и нивната улога во одржувањето на глобалната стабилност и меѓународната соработка.
Хенк Роџерс, освен за компанијата Тетрис, зборуваше за активностите на својата организација Blue Planet Alliance и за улогата на жените во раководење со меѓународни организации. На панелот своите перспективи ги сподели и Арти Гупта, главна инвестициска директорка на ДМ Гупта од Индија, со посебен осврт на женското лидерство.
Настанот е организиран од Women Inspiring Network, организација која работи на едуцирање на жените во бизнисот во Индија и привлече значајно внимание од меѓународната публика во Давос. Настанот беше поддржан од Меѓународен Славјански Универзитет и се одржа на 22 јануари, за време на Светскиот економски форум во Давос.
На истиот настан Михаела Ѓорчева настапи и како панелист на тема „Иднината на капиталот: Финансирање на инклузивни иновации“, заедно со панелисти од САД и Индија, а учествуваше и на уште петнаесетина други настани.
Михаела Ѓорчева е студент на докторски студии на Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и често е панелист на дискусии во Њујорк, Кан, Давос, Индија.