Бранкица Миновска, која живее со мултиплекс склероза, прави торти за деца од ранливи категории: „Нема да се откажам, колку и да ме гази болеста“
Бранкица Миновска од Пробиштип од 2014 година живее со мултиплекс склероза, која со години ја лекува со интерферонска терапија. Но, ако нешто ја држи исправена, тоа не се лековите, туку љубовта кон нејзините деца, Гораст и Дина, кои ги нарекува „моите победи во овој живот“.
Вели дека како и со секоја болест, има денови кога доминираат болка и немоќ. Сепак, 37-годишната мајка никогаш не дозволува да исчезнат вербата и позитивноста. Напротив, токму тие ја насочиле кон добродушната идеја да им подарува торти на деца од ранливи категории.
„Еден дел од животот бев на раб на дното. И оттогаш секогаш се трудам да помогнам, особено кога се работи за деца. По болничките ходници се изнагледав сè и сешто… се изнаплакав за деца на кои само Бог може да им помогне“ – вели таа за Фемина.
„Никогаш не се предавај, колку и да боли“ е нејзиното мото. И така, од сопствената болка, Бранкица создаде нешто големо – мал хуманитарен гест што веќе се претвора во вистинско движење.
Во моментов, се подготвува торта за роденден на дете од згрижувачко семејство, кое ќе наполни 15 години. Потоа следуваат пакетчиња, па уште една торта за друго детенце.
„Ова ќе биде трето дете со торта за роденден“ – вели со гордост.
Она што ја охрабрува се луѓето околу неа, односно нејзините сограѓани. „Сами се јавуваат да помогнат. Повеќето имаат домашни животни, па нудат млеко, јајца – сѐ, буквално, само да помогнат“ – раскажува со благодарност таа.
Иако болеста ја притиска, иако често се чувствува заборавена од државата, Бранкица вели дека нема намера да запре:
„Среќна сум што ова почнува да личи на една приказна… и нема да се откажам, колку и болеста да ме гази. Од државата сме заборавени, но ова што го правам ми дава сила.“
Како семејствата може да се пријават?
„Луѓето речиси секогаш се срамат. Но, пријавувањето е едноставно – преку социјални мрежи на Инстаграм профилот cake&pleasure, преку вработени во институции, преку родители кои знаат некој на кој му треба помош.“
За крај, Бранкица потенцира: „Една моја тортичка некому значи сè, а мене – топлина во душата.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk