• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Божиќ нè потсетува дека домот е храм на љубовта… Добрината носи радост, а простувањето ја обновува душата“: Отец Михаил за духовната смисла на Божиќ

7 јануари 2026, 00:30
  • cподели

Денеска е еден од најголемите и најубавите христијански празници, Божиќ. Денот кога домовите се исполнети со топлина, а срцата со надеж. Додека се слави Христовото раѓање и се обновува верата во доброто, разговорот со Отец Михаил Таневски добива посебна тежина и смисла.

Како свештеник во црквата „Св. Јован Крстител“ во скопски Капиштец, тој е човек кој со години ужива искрена љубов и длабока почит меѓу верниците поради неговата смиреност, човечноста и начинот на кој умее да им се доближи на луѓето.

Неговите зборови не се само поука, туку утеха и охрабрување, особено на ден како денешниот, кога Божиќ нè повикува да застанеме, да погледнеме внатре во себе и да се потсетиме што навистина значи да се биде човек.

Во овој празничен разговор за Фемина, отец Михаил зборува за суштината на Божиќ, за потребата од тишина во современиот живот, за силата на љубовта, простувањето и за надежта што Христовото раѓање ја носи на секој што е подготвен да ја прими.

Отец Михаил
Оче Михаил, Божиќ е празник на раѓањето и надежта. Што најмногу му недостасува на современиот човек за да ја почувствува неговата суштина?

Божиќ нѐ потсетува дека радоста и надежта не се во тоа колку имаме, туку во малите моменти на љубов, во споделувањето

Генерално, речиси сите на денешницава живееме во трка со времето, како да забораваме да застанеме, да видиме околу себе и да се поврземе со своето внатрешно „јас“. Сметам дека на поголем дел од луѓето им недостасува тишина, можност да размислат, да го почувствуваат присуството на Бога во секојдневието.

Божиќ нѐ потсетува дека радоста и надежта не се во тоа колку имаме или колку сме зафатени, туку во малите моменти на љубов, во споделувањето со ближниот, во семејството. Дури и еден искрен разговор, насмевка или добар гест може да биде светлина во нечие срце. Понекогаш доволно е само да седнеме со семејството, да разговараме или да поминеме време заедно без технологија – тоа веќе е Божиќ.

За време на Божиќниот пост, кои се основните правила и духовната смисла?

Суштината на постот е во прочистувањето на срцето и приближувањето кон Бога

Многумина мислат дека божиќниот пост е само воздржување од месо или други намирници, но вистинската суштина е во прочистувањето на срцето и приближувањето кон Бога. Постот е време кога треба да се потсетиме на тоа како ги користиме своите мисли, зборови и дела. Да се молиме повеќе, да бидеме внимателни и љубезни со ближните, да се воздржуваме од лоши зборови и дела. Тој е како вежба за душата, ни помага да го подготвиме срцето за Христовото раѓање и да го дочекаме празникот со радост и смирение.

Кога постот се сфаќа духовно, дури и наједноставниот оброк или обичај станува извор на радост, а вниманието кон другите и делата на љубов го прават празникот значаен и во секојдневието.

Како црквата може да помогне на човекот да најде мир и смисла во време на брз живот и технологии?

Црквата е како оаза во брзото секојдневие, место каде што душата може да застане, да одмори и да се обнови. Преку литургија, молитва, разговор со свештеник или само присуство, човекот повторно може да го почувствува мирот и вистинската смисла на животот.

Многумина мислат дека мора да направат големи дела за да се чувствуваат исполнети, но понекогаш доволно е само да се смириме, да се помолиме, да запееме или да споделиме време со ближните.

Во ова брзо секојдневие што го живееме, црквата нуди светлина која нè води и нè потсетува на она што навистина е важно. И често се случува да се изненадиме колку мирот и радоста можат да се најдат токму во едноставните моменти, тоа е вистинската сила на верата, која ни дава надеж и утеха дури и кога животот е хаотичен.

Црква
Колку денешните верници го живеат Божиќ како духовен настан, а колку како обичај и традиција?

Традицијата може да стане мост кон духовното

Тоа е поделено и тоа е нормално. Некои навистина го доживуваат како духовен момент – време за размислување, молитва, приближување кон Бога. Други пак, само како традиција: коледување, трпеза, подароци, веселби... Но и тоа не е лошо, затоа што традицијата може да стане мост кон духовното. Ако семејството се моли заедно, ако се споделуваат убави моменти и љубов, обичаите стануваат вистински празник на срцето. Всушност, честопати токму преку традицијата луѓето се отвораат за духовното и тоа е убавината на празникот.

Која е пораката на Христовото раѓање за младите кои се соочуваат со несигурност и страв?

Христовото раѓање е порака за надеж, за смирение и за љубов. Младите често се соочуваат со притисок, страв и несигурност и тогаш може да биде тешко да се види светлината. Божиќ им кажува: „Не сте сами, Бог е со вас и во најтешките моменти постои можност за нов почеток“.

Вистинската сила не е во тоа колку можеме да постигнеме или да поседуваме, туку во љубовта, смирението и храброста да се продолжи напред. Кога ќе почувствуваат дека има светлина дури и во најтемните денови, младите можат да најдат смисла и да се осмелат да бидат добри, смели и љубезни луѓе.

Отец Михаил
Како да се зачува духовното единство во семејството во време на искушенија и отуѓување?

Божиќ нè потсетува дека домот е храм на љубовта

Семејството е како мала заедница на љубов и духовна топлина. Духовното единство се гради со мали, секојдневни гестови, со внимание, разговор, насмевка, заедничка молитва, споделување време. Не мора секогаш да биде нешто големо или свечено, понекогаш доволен е само еден скромен ручек заедно или вечерна молитва пред спиење.

Божиќ нè потсетува дека домот е храм на љубовта и дека со внимателност и љубов можеме да ја одржиме духовната врска жива.

Вечера
Божиќ повикува на љубов и простување. Дали денешното општество е подготвено да прости?

Не секогаш и тоа е реалност. Но, секој човек носи во себе способност за простување. Простувањето не е слабост, тоа е сила. Кога простуваме, ослободуваме не само други, туку и себе. Божиќ е потсетник дека мирот започнува во нашето срце и дека кога ќе простиме, создава светлина што може да се прошири на сите околу нас.

Како да им се помогне на оние кои Божиќ го дочекуваат во тага, сиромаштија или осаменост?

Најважно е присуството, да им покажеме дека не се сами. Мали гестови како разговор, посета, молитва, мал знак на внимание, може да донесат огромна радост. Божиќ не е само за оние кои се весели и богати, туку за сите, особено за ранливите. Дури и едноставно внимание и љубов може да направат празникот светол и топол.

Дали верувате дека празниците сè уште имаат моќ да нè променат?

Празниците нè учат на љубов, простување и внимателност кон другите

Да, верувам, но тоа зависи од тоа како ги доживуваме. Празниците не се само датум во календарот или моменти на веселба, тие се можност да се поврземе со себе, со ближните и со Бога. Ако ги доживееме со отворено срце, празниците можат да нè обноват, да нè потсетат на вистинските вредности и да ни ја откријат светлината што секогаш постои, дури и во најтемните денови. Тие нè учат на љубов, простување и внимателност кон другите и ни помагаат да ја видиме убавината во едноставните моменти на животот – во насмевката на детето, во разговорот со пријател, во мирот на еден наједноставен ден.

Моќта на празниците не се губи, но понекогаш ние само забораваме да ја примиме, да ја почувствуваме и да ја живееме во срцето. Кога ќе се отвориме за ова, дури и најмалата радост може да нè промени, да ни даде нова надеж и да нè направи подобри луѓе, исполнети со светлина и љубов.

Со каква порака би им се обратиле на верниците и на сите луѓе за овој Божиќ?

Добрината носи радост, а простувањето ја обновува душата

Да понесат мир, љубов и надеж. Да се потсетат дека светлината на Христовото раѓање е со нас секогаш, дека добрината носи радост, а простувањето ја обновува душата. Божиќ е можност да се роди повторно љубовта во секое срце, да донесе топлина во домот и да инспирира добри дела секој ден.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Отец Михаил
Божиќ

Најнови

  • Колумбијци ја отпеаја и отсвирија „Вечниот Бог“ на Божиќ, измамија многу комплименти

    Thu, 01/08/2026 - 14:17
  • „Жал ми е за сè“: Анџелина Џоли трогната од дете од Палестина чија мајка беше убиена

    Thu, 01/08/2026 - 12:45
  • Државна лотарија

    Новогодишен „JINGLE BETS“ МЕГАВИН караван на Државна лотарија

    Thu, 01/08/2026 - 11:54
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.