Болка, рагади и маститис: Како да ги надминете најголемите предизвици при доењето со Наташа Ц. Тодосовска
„Доењето не е само храна, туку милион емоции“.
Доењето е една од најспецијалните и најмоќните, но и најпредизвикувачки врски кои се создаваат меѓу мајката и бебето. Иако често е романтизирано како природен и инстинктивен процес, реалноста за многу жени е исполнета со болка, стравови, дилеми и чувство дека се оставени сами на себе во период кога најмногу им е потребна поддршка. Токму поради тоа, сè поголемо значење добиваат луѓето кои професионално и со многу емпатија им помагаат на семејствата да ги надминат предизвиците на доењето.
Наташа Ц. Тодосовска е меѓународно сертифицирана консултантка, која секојдневно споделува знаења и искуства на профилот „Доење со љубов“. Преку индивидуални советувања, работилници, курсеви и подкаст на оваа тема, Наташа несомнено стана сигурна адреса за илјадници мајки кои бараат стручен совет, но и разбирање во еден од најчувствителните животни периоди.
За Фемина, Наташа отворено зборува за најчестите проблеми со кои се соочуваат доилките, од болка и недостиг на поддршка, до маститис и прекин на доењето.
Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат мајките во првите недели од доењето?
Отпрвин, доаѓа шокот дека доењето не е воопшто толку лесно како што си замислувале за време на бременоста. Доколку за време на бременоста не се следела едукација за доење, сите работи кои во принцип се „очекувани“ како предизвици знаат да делуваат страшно и збунувачко за новите мајки.
Најголем проблем е недостигот на едукација
Не ретко ја слушам реченицата „воопшто не го замислував доењето вака“. Тоа е и навистина така, бидејќи општеството и не зборува многу гласно за доењето. Никој не зборува за болни и крвави брадавици, болки и отоци во градите, доење кое е наеднаш огромен дел од секојдневието во првите неколку недели, кое е всушност комплексен механизам, бидејќи имаме двајца во приказната – и мајката и бебето, ама најчесто е мајката таа која „нема доволно млеко“ ако пример бебето не напредува доволно... Понатаму би ги споменала и оние секундарни проблеми од тој шок, како што се проблемите со осаменост, изолираност, особено во оној прв ранлив период веднаш по породување. А најголем проблем всушност е недостигот на едукација и на новите семејства и недостигот на соодветна стручна поддршка од лица кои се специјално обучени во оваа област.
Болката при доење често се смета за „нормална“. Кога е очекувана, а кога е знак дека нешто не е во ред?
Никоја болка не е нормална и е знак дека нешто не е во ред
Тоа што се смета болката за „нормална“ е навистина проблем. Никоја болка не е нормална и е знак дека нешто не е во ред. Она што го нарекуваме „очекувано“ е дека во даден момент големи се шансите да се соочиме со таква болка, но, секој пат треба да се трудиме да видиме од каде доаѓа, а најчесто доаѓа од неправилно местење на бебето на града, т.е. неправилно фаќање на градата од страна на бебето.
Она што можеби спаѓа во „очекувано“ и тоа само на почетокот е некое чувство на мала „непријатност“ ама дури и кога пишувам непријатност, би сакала да потенцирам дека и непријатност е можеби неправилен збор за да ја опишам сензацијата... па би ја опишала како сензација која ете, градите комплетно за прв пат ја имаат и тоа многу често во текот на денот... ама не смее да биде болка.
И исто така, „прифаќаме“ болка кога брадавиците ни се во фаза на заздравување од претходна траума, па велиме дека ако сме откриле каде е проблемот, и сега бебето фаќа града како што треба, можно е да има неколку секунди болка додека бебето ја намести брадавицата во нејзината позиција. Ама таа болка е заради видливи рани кои ги имаме како резултат на проблемот. И таа болка ја снемува после неколку секунди од почетокот на подојот. И секако во тој период, третираме и брадавици за да поминат раните што побрзо.
Колку правилното поставување влијае на успешноста на доењето и кои се најчестите грешки кои ги прават мајките?
Правилното поставување на градата е најважниот фактор за успешно доење
Правилното поставување е најважниот фактор за успешно доење. Контактот, тој спој меѓу мајката и бебето е тој што диктира колку млеко ќе добие бебето, колку добро ќе биде стимулирана градата на мајката, колку долго ќе трае подојот, колку ќе се поттикне рефлексот на испуштање на млеко... Ама кога зборувам за контактот, морам да потенцирам дека не зборувам за позициите за доење, туку зборувам за фаќањето на градата од страна на бебето. Најчестите грешки кои се прават доаѓаат токму од незнаењето како правило да се намести бебето на града и што да се очекува од подојот. Се гледа на часовникот, колку траел подојот и од која града, а не се гледа навистина подојот – дали бебето е наместено како што треба, дали голта, дали имаме рефлекс на испуштање и сл. Тука едукацијата игра клучна улога.
Што кога мајката има чувство дека нема доволно млеко, како да се препознае дали навистина станува збор за намалена лактација или само за перцепција?
Сите овие години во кои работам во оваа област ми покажаа едно нешто: каква и најмала промена да се случи во секојдневието – веднаш е проблем со лактацијата и мајката нема веќе млеко!
Бебето наеднаш сака да цица повеќе – тоа затоа што се намалило млекото!
Бебето наеднаш одбива да цица – тоа е затоа што се намалило млекото!
Ретко се случува млеко да „снема преку ноќ“
Лактацијата е секој пат виновна! И не зборувам за сомнежите кај мајките, кои се природни (родители сме, го сакаме најдоброто за детето, и секако дека ќе се сомневаме во сите наши одлуки и постапки), туку зборувам за општеството кое веднаш експертски го одредува проблемот и нуди (непобарано) решение! Многу е тука важно да се детерминира дали се работи за чувство, или пак се работи за вистински проблем. Ретко се случува млеко да „снема преку ноќ“. И секако, следиме други индикатори – дали бебето полни пелени како претходно, дали голта додека цица, дали е задоволно меѓу подои, ја контролираме тежината. Ако имаме сомнеж гледајќи ја целата слика, тогаш дефинитивно треба да се побара совет од професионално лице од оваа област.
Како се решава проблемот со преполнети и болни гради и како да се спречи да дојде до тоа?
Треба да му се дава на бебето кога сака да цица и колку сака
Често и ефективно празнење на градите спречува застој на млеко, а со тоа и преполнети гради. Најчесто проблемот го имаме на самиот почеток на лактацијата, но може да се појави и понатаму. Генерален совет е да не се гледа на часовник за да се дои, да му се дава на бебето кога сака да цица и колку сака, би рекла да гледаме на часовник само во случај кога бебето подолго нема да ни се јави за доење, затоа што тука е ризикот од преполнување. Но, морам да напоменам дека ова е една од работите кои се решава со стручно лице доколку се појавува почесто, бидејќи е важно да видиме која е причината. Има повеќе причини кои можат да доведат до оваа појава, а начините на кои се справуваме не се автоматски исти. Секоја приказна е многу индивидуална и во оваа област, професионално е да се избегнат т.н. „cookie-cutters“ решенија.
Кои се причините за појава на рагади (испукани брадавици) и кои се најефикасните начини за нивно третирање?
Најчеста појава е неправилно позиционирање на бебето на града, со тоа што бебето остварува т.н. „плиток фат“ на градата. Кај тој плиток фат, брадавицата е поплитко позиционирана во устата на бебето и тоа при самото доење ја притиска со јазикот и со горното непце и ја повредува. Други фактори се некоректно измолзување со пумпа, користење на силиконски брадавици кои не одговараат по големина на нашата брадавица. Начинот за нивно третирање ќе зависи од причината. Бидејќи колку и да мачкаме креми и сл., доколку не се справиме со причинителот, не сме го решиле проблемот.
Како се справува со запушени млечни канали и кога тие може да преминат во посериозна состојба?
При запушени млечни канали треба нежна масажа со цел да го подобриме лимфотокот
Запушени млечни канали т.е. застој на млеко најчесто се третира со често и ефикасно доење, одмор, ладни облоги и нежна лимфна дренажа, т.е. масажа – но, да е без агресивен притисок. Терминот „запушен“ млечен канал некако подразбира „отпушување“ и по автоматизам третирање на градата со примена на сила. Често велам: градата не е мускул, туку орган. Она што навистина ни треба не е стандардна масажа, туку нежна масажа со цел да го подобриме лимфотокот. Интензитетот на таа масажа треба да е ист како да галиме кученце или маченце. Ништо повеќе. Секоја масажа која е со примена на поголема сила може да го оштети жлезденото ткиво и да ја влоши состојбата.
Исто така, важно е да нема „претерано празнење“ на дојката, доколку преполнетоста е како резултат на зголемено производство на млеко (хиперпродукција), а сакаме да го намалиме. Доколку ги занемариме овие симптоми, состојбата може да се влоши и да прогресира кон маститис.
Кој е правилниот пристап за третман на маститис? Кога може да се реши со домашни мерки, а кога е неопходна медицинска интервенција?
Маститис е следна фаза од претходно опишаната состојба; кога болката станува посилна, има и видливо црвенило на градата, оток, топлина, и веќе имаме зголемена телесна температура со изразени симптоми слични на грип. Јас би советувала контакт со стручно лице веднаш, за да ви даде точни насоки.
Генерално се зема апче за намалување на телесната температура, се ставаат ладни облоги на градата, се одмара, редовно се празни градата и ако симптомите не се подобрат за 24 часа или имаме висока температура, потребна е медицинска проценка поради ризик од бактериски маститис или апсцес. И тука ќе напоменам дека е добро ако можеме да го најдеме „причинителот“ на оваа состојба.
Каква улога имаат стресот, заморот и исхраната на мајката врз квалитетот и количината на млекото?
Исхраната на мајката генерално не го намалува квалитетот на мајчиното млеко
Исхраната на мајката генерално не го намалува квалитетот на мајчиното млеко, бидејќи телото го одржува неговиот состав дури и кога исхраната не е идеална. Исто како и во бременоста, нашето тело му дава „приоритет“ на нашето бебе. Стресот и заморот, кога се подолго време дел од секојдневието, може да влијаат на рефлексот на отпуштање и на количината на млеко, но не влијаат на неговиот квалитет. Значи зборуваме за подолги периоди на константен стрес и замор. За добра лактација најважни ни се честото и ефикасно доење, одморот, хидратацијата и поддршката на мајката.
Кои се најважните совети кои секоја мајка треба да ги знае пред да започне процес на прекинување на доењето?
Да знае што ја чека, како изгледа тој процес, кои работи може да ја изненадат, како е најдобро да го започне тој процес ако решила таа да го започне. Значи да се информира за целиот физички, но и емотивен процес на престанок на доење и престанок на лактација (две различни работи).
Најголема препорака би ми била да се информира предвреме и ако може – да го води тој процес навистина постепено. Кај лактацијата имаме само еднаш „нагла“ промена – тоа е самиот почеток (кога лактацијата е строго водена од хормонски промени во телото). Потоа, телото си сака време за адаптација. А и емотивно гледано, постепена транзиција кон недоење е многу подобро прифатена и од нас и од нашите деца. Најдобро е да е без стрес, да е нежно и најважно – крајот ќе е секој пат многу индивидуален, бидејќи зависи од емотивната спремност на детето.
Кои се најголемите митови околу доењето кои всушност им отежнуваат на мајките наместо да им помогнат?
Еден куп има такви. Имам цел серијал постови на социјалните мрежи на темава. Имам и работилница на темава која обработува митови особено кои може да наштетат на самиот почеток на доење и сериозно можат да влијаат на успехот во доењето, како што се на пример: колку време треба да цица едно бебе и од колку гради од подој (за жал често слушаме и вакви препораки од стручни лица), потоа еден куп митови за започнување со немлечна дохрана, митот за слабо млеко кој што го слушаме веднаш на почетокот на доењето, па потоа и после првата година дека млекото е веќе „вода“... митови за „штетноста“ на т.н. „продолжено“ доење, а има и еден куп митови за престанокот на доење, кои едноставно не даваат ниту еден логичен одговор зошто-како, на пример бебе што не цицало повеќе од 24 часа не смее да се врати на града, бидејќи „ќе урочувало бебето“... Митови има еден куп. Ама нам ни е оставено да се едуцираме, и да знаеме да ги препознаеме.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk