Маж со неверојатни рефлекси спаси 5-годишно момче кое падна од балкон во Египет, камерите снимија сè
Неверојатна снимка од Египет, во која маж во последна секунда спасува 5-годишно дете кое паѓа од балкон на втор кат, стана хит на социјалните мрежи.
Многумина го нарекоа Ахмед Рагаб херој и откако ќе го видите видеото, ќе сфатите дека тоа не е далеку од вистината. Ахмед се наоѓал во близина на продавница во областа Ард ел-Лева во Гиза кога слушнал врева и плачење. Тој забележал дека од балконот на блиската зграда паѓа мало момче и рефлексно истрча и го фати детето пред да падне на земјата.
Снимката од надзорните камери ја покажува брзата реакција на Рагаб. Она што дополнително му помогнало било тоа што детето при падот се заплеткало во жици за сушење алишта, што го ублажило падот и му дало драгоцени секунди да стигне до него.
Според неговото сведоштво по настанот, тој воопшто немал време ниту да размислува за опасноста.
„Не мислев на себе. Сè што ми беше во глава беше да се обидам да го спасам детето пред да удри во земјата“ – рекол Рагаб во разговор со локалните медиуми.
Младиот херој подоцна изјавил дека дури откако детето било безбедно, сфатил колку била сериозна ситуацијата. Вели дека ниту самиот не може да објасни како успеал да реагира толку брзо и не знае дали би можел повторно да го направи истото.
Ахмед сподели дека не бил сам во херојското дело, туку дека друго дете му покажало што се случува, а тоа може да се види и на снимката.
Рагаб упатил и апел до родителите да не ги оставаат малите деца без надзор во близина на балкони и прозорци, особено доколку во нивна близина има столови или друг мебел на кој децата би можеле да се качат.